СО СДСМ НЕМА ЖИВОТ НИ ЗА МАКЕДОНЦИТЕ, НИ ЗА БЕГАЛЦИТЕ Мицкоски му се пожали на директорот на „Конрад Аденауер“

Државата тоне на сите полиња, особено на полето на економијата каде трошоците стануваат се поголеми, а граѓаните имаат се помалку пари или ги губат работните места, додека бизнисите се затвораат - рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

405

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната средба со регионалниот директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС) Даниел Браун, и со претставникот на КАС Македонија Давор Пашовски разговарале за актуелната политичка и економска состојба, како и за ситуацијата поврзана со пандемијата со ковид-19 и со бегалците од Авганистан.

Како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека Македонија нема капацитет и не е подготвена да прими толку многу лица од Авганистан бидејќи власта предводена од СДСМ не може да обезбеди услови за живот за македонските граѓани, а не за останатите.






– Државата тоне на сите полиња, особено на полето на економијата каде трошоците стануваат се поголеми, а граѓаните имаат се помалку пари или ги губат работните места, додека бизнисите се затвораат – рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во однос на пандемијата со ковид-19, стои во соопштението, Мицкоски посочи дека власта заради личните интереси задоцни со набавката на вакцини и со месеци доцнеше процесот на имунизација, за сега да носи мерки кои уште повеќе создаваат поделби во општеството и ги лишат дел од граѓаните од основните права и слободи, а тие лошо се одразуваат и на бизнисот којшто едвај преживува периодов.

На средбата станало збор и за претстојните локални избори при што било договорено продлабочување на соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и КАС преку обуки и семинари за идните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во општините во Македонија.

Мицкоски се заблагодари за искрената поддршка од КАС во досегашниот период и потенцираше дека фондацијата отсекогаш била искрен и посветен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се посочува во соопштението.

Поврзани содржини