СО РЕФЕРЕНДУМОТ ДА СЕ РАСПИШАТ И ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ Мицкоски вели дека тоа е одлична можност
Тоа што почнуваме постапка за распишување на задолжителен референдум за лошиот Договор со Бугарија не значи дека се откажуваме од барањето за предвремени избори. Напротив е одлична можност со референдумот на еден трошок да се организираат и избори, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Државата изборна комисија ја поднесе иницијатива за референдум за укинување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија од 2017 година.
Во изјава за медиумите, Мицкоски повика истовремено со референдумот да се распишат и предвремени парламентарни избори.
– Тоа што почнуваме постапка за распишување на задолжителен референдум за лошиот Договор со Бугарија не значи дека се откажуваме од барањето за предвремени избори. Напротив е одлична можност со референдумот на еден трошок да се организираат и избори – кажа Мицкоски.
За да се распише задолжителен референдум потребно е да се соберат 150.000 потписи, а за да биде успешен треба да излезат да гласаат над 900.000 граѓани.
Мицкоски ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски во која вели дека со овој референдум ние всушност би ги прекинале преговорите со ЕУ, посочувајќи дека тој често пати прави „политичка гимнастика во сопствените изјави“ и оти од ден на ден покажува дека не е достоен да ја извршува функцијата претседател.
– Се сеќавате, тој истиот Стево Пендаровски дури и сугерираше референдумско прашање и во една своја изјава кажа дека е тоа легитимен чин ако не се лажам па потоа направи една гимнастика и се повлече од сето тоа за да денеска е најголем плукач на референдумското изјаснување. Ако сака да биде претседател на сите граѓани ќе мора да ја почитува и волјата на оние граѓани коишто се определуваат за опозицијата и коишто имаат различно мислење од власта. Јас навистина жалам што од ден на ден Стево Пендаровски потврдува дека не е достоен да ја извршува функцијата која што ја извршува, а тоа е претседател на сите граѓани и жалам што овој човек ќе има уште малку можност да биде таму каде што е, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашан за тоа каков е планот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот објасни дека денеска треба да се соберат минимум 100 квалификувани граѓански потписи и во петок преку ДИК да биде доставена оваа граѓанска иницијатива до спикерот во Парламентот.
– Потоа следниот чекор е да тој веднаш ги достави до две собраниски комисии, а тоа е Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија коишто ќе одлучуваат дали иницијативата граѓанска е уредна или не е – рече Мицкоски.
Уште еднаш потенцираше дека претстои тешка есен, а уште потешка зима. Веќе, како што кажа, има паника меѓу граѓаните.
– И доколку не се вразуми оваа вообразена власт и доколку не седне и вистински мерки да предложи тогаш навистина очекувајте катаклизмични резултати оваа есен и уште покатаклизмични резултати оваа зима – рече Мицкоски.