СО РЕДОВНИ КОНТРОЛИ ЛЕПЕНЕЦ ЌЕ БИДЕ ЧИСТ Весковски се сретна со жителите на Бардовци
Со интензивирање на контролите се очекува да се подигне нивото на одржување на комуналниот ред во општината, но истовремено преку санкционирање на прекршителите, да се зголемат и приходите на општинскиот буџет, рече Весковски.
Отворена е промотивна канцеларија на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Карпош Душко Весковски во Бардовци. Весковски со жителите на Бардовци разговараше за проектите предвидени за тој дел од Карпош.
– Ќе ја приклучиме локалната канализациска мрежа во канализацискиот систем на град Скопје. Целта на овој проект е прием на постојната канализациска мрежа во населбата во сеопфатниот градски систем. За таа намена, прво ќе биде изработена проектно-техничка документација за фекална канализација, која ќе биде во согласност со планската документација. Врз основа на тоа ќе биде утврдено кои делови од постојната мрежа ќе бидат задржани во употреба, а кои делови ќе се реконструираат – рече Весковски.
Се планира уредување на просторот пред објектот на Месната заедница, кој е запуштен. Овде се планира современо уредување со зеленило и со урбана опрема, што ќе доведе до зголемување на квалитетот на живеење во оваа атрактивна населба.
– Ќе се работи и на решавање на проблемот со нелегално фрлање отпад и градежен шут по текот на реката Лепенец. Овој повеќегодишен проблем е одраз на непочитувањето на законите, но целта е во најкус рок по преземањето на мандатот, да се обезбеди доволен број комунални редари и да се подобри нивната работа. Со интензивирање на контролите се очекува да се подигне нивото на одржување на комуналниот ред во општината, но истовремено преку санкционирање на прекршителите, да се зголемат и приходите на општинскиот буџет – рече Весковски.
Промотивната канцеларија во Бардовци останува отворена за прашања и предлози.