СО ПЕТРИЧ СИ ДАДОВМЕ АВТОГОЛ Колкава е штетата од антибугарската кампања против Данела Арсовска?
Прашањето коешто сега се поставува и чиј одговор треба особено да нè загрижува, гласи: „Колкава е штетата од антибугарската кампања што ја водеше партијата на власт и како ли земјава сега ќе постигне два гола откако веќе си постигна ефектен автогол во однос на преговорите со Бугарија?“
„Јас се сеќавам на свиждањето, јас сум од Струмица. Знаете како, струмичани и петричани, на исти јазик зборуват, толку сме блиски. Е сега, тоа е македонскиот или блгарскиот јазик? Толку сме блиски“.
Вака пред само една година говореше премиерот Зоран Заев во интервјуто за бугарската новинска агенција БГНЕС, кога и активно се вклучи во кампањата за минимализирање на разликите помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Но, нецели 12 месеци подоцна, во кампањата помеѓу двата изборни круга од локалните избори во Македонија, токму партијата на Зоран Заев се с’сна да ја обвинува независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, дека наводно е бугарски агент, дека има бугарски пасош и дека нејзиното бугарско живеалиште е бугарскиот град Петрич.

Неколку дена пред изборниот ден, социјалните мрежи беа буквално преплавени со фотографии од билборди на Арсовска на кои активисти на СДСМ залепиле бугарски знамиња и натписот „Кмет на Петрич“, а и на официјалниот Фејсбук профил на СДСМ беше објавена, а потоа избришана, фотографија од Арсовска на која беше испишана паролата: „На Скопје не му треба бугарски кмет“.
Впрочем, истата порака јавно ја испрати и самиот Заев, кој во едно свое телевизиско гостување порача дека во Скопје се избира градоначалник, а кмет се избира во Бугарија.
– Во Скопје се избира градоначалник, кмет се избира во Бугарија. Имало Скопје кмет во 1941 година, но овде избираме градоначалник – рече лидерот на СДСМ.
Ваквата агресивна кампања што ја водеше партијата на власт не помина незабележано и кај нашиот источен сосед, па софискиот весник „Труд“ им постави само едно кратко прашање на македонските власти: „Толку ли е лошо да си Бугарин во Македонија?“
Но, локалните избори вчера завршија, Данела Арсовска брутално го победи Петре Шилегов со над 28.000 гласови разлика, а Зоран Заев уште веднаш си ја поднесе најавената оставка од премиерската и од партиската функција.
Меѓутоа, прашањето коешто сега се поставува и чиј одговор треба особено да нè загрижува, гласи: „Колкава е штетата од антибугарската кампања што ја водеше партијата на власт и како ли земјава сега ќе постигне два гола откако веќе си постигна ефектен автогол во однос на преговорите со Бугарија?“
Реториката не се менува
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во изјава за Плусинфо вели дека сите „антибугарски“ аргументи кои ги користела власта против Данела Арсовска, сепак, нема да имаат негативно влијание врз односите со Софија.
– Заврши негативната кампања којашто беше поврзана со Бугарија и сето тоа брзо се заборава. Сите „аргументи“ кои беа искористени на еден крајно неприфатлив начин од страна на власта нема да имаат никакво влијание врз односите со Софија. Бугарите вадат од ракав други елементи и ќе продолжат во таа насока и во никој случај нема да ја променат својата реторика. Изгледите за Софија да го промени својот став во однос на Скопје се никакви и Бугарија ќе продолжи со блокирање на нашата интеграција во европското семејство. Моментално тоа е сконцентрирано на почетокот на преговорите, тука веројатно ќе мора да попуштат, меѓутоа откако ќе започнат преговорите, тие дефинитивно ќе ја искористат целата своја артилерија со цел Македонија никогаш да не стигне до Брисел. Се разбира, под услов ние да не прифатиме дека сме неразбудени Бугари и дека зборуваме бугарски дијалект. Сметам дека манипулациите околу Бугарија во предизборната кампања нема да имаат никакво влијание во меѓусебните односи, ама факт е дека народот не наседнува на такви некоректни извитоперувања на вистината, па затоа победата на Данела Арсовска во Скопје беше брилијантна и многу повисока од очекувањата – објаснува Никовски.
Бугарите вадат од ракав други елементи и ќе продолжат во таа насока и во никој случај нема да ја променат својата реторика.
Тој смета дека Македонија нема да стане членка на ЕУ во следните 15, 20, 25, па и повеќе години.
– Веќе нема никакви дилеми дека ЕУ нема да се проширува уште многу долг период, а тоа директно ни го кажа и Ангела Меркел пред да замине од функцијата германски канцелар. Тоа значи дека ние нема да влеземе во европското семејство во следните 15, 20, 25, па и повеќе години. Ако е така, а така е, тогаш Македонија мора целосно да ја промени својата надворешна политика, пред сè во однос на Бугарија, а исто така и во сферата на реформите, бидејќи не е објективно да се очекува дека некој однадвор ќе нè натера да ги спроведуваме – вели Никовски.
Си влеговме во стапицата
Од друга страна, пак, колумнистот Ивор Мицковски смета дека фаулот со ксенофобијата и играњето на антибугарскиот сентимент со сигурност ќе направи штета на нашите позиции и лошо ќе се одрази кај нашите европски и западни партнери.

„Свесно или несвесно, со лош или погрешен тајминг, непријателски кон самите наши граѓани кои имаат двојни државјанства и кои по примерот на Дан(и)ела беа стигматизирани и отфрлени од матичната држава, со навреда и контраргументи за Бугарија која и онака гледа да ни го загорчи животот, факт е дека власта се одлучи да заигра националистички и на антибугарски сентимент. Сега останува да видиме дали тоа е трајна определба и промена во нашите позиции кон Софија или само е глупав ПР испад кој секако ќе биде непријателски протолкуван“, напиша Мицковски во колумната за Дојче веле.
И министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека очекува презентирањето бугарски лични документи во македонската кампања негативно да влијаат врз процесот на преговори помеѓу двете земји.
– И Македонија и Бугарија не успеаја да го задржат ова прашање надвор од дневната изборна политика. Ова прашање сигурно ќе направи штета затоа што ќе им даде аргумент на тие што претендираат дека граѓаните ќе имаат пречки во општествениот живот доколку се самоидентификуваат и се самоопределат. Ова е повеќе прашање на транспарентност отколку прашање на законитост – рече Османи.