СО НОВИ СТУДИСКИ ПРОГРАМИ ЌЕ СЕ УБЕДУВААТ МЛАДИТЕ ДА СТУДИРААТ ВО МАКЕДОНИЈА Јаневска кажа каде грешиме со младите
Дополнително се предвидува и повеќе практична настава за студентите, во текот на студирањето, со што ќе се создадат соодветни услови, а студентите ќе сметаат дека и во Македонија ќе можат да го постигнат истото знаење, вештини, компетенции кои би ги добиле во Словенија или во некоја друга земја членка на ЕУ.
Се работи на три нови закони, со коишто на студентите ќе им се понудат нови студиски програми, кои се актуелни, како и подолга практика, за да најдат полесно работа, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска во одговор на новинарско прашање – зошто нашите студенти заминуваат од земјава се запишуваат на факултетите во Словенија.
Јаневска рече дека околу околу 2.000 македонски студенти се наоѓаат во Словенија.
-Затоа што Словенија е членка на Европската унија и затоа со тој потег сметаат дека им се отворени вратите во светот. Но, тоа е помал проблем, дополнителен проблем е што треба промена на нашите студиски програми, за што веќе дискутираме со државните Универзитети во Македонија, за да се воведат студиски програми кои се актуелни и кои ќе можат да обезбедат работни места на пазарот на трудот, бидејќи веќе дискутираме на таа тема со новиот Закон за високо образование, за новиот Закон за АКВО, за новиот Закон за научно-истражување. Сметаме дека со тоа овој проблем ќе биде надминат – рече Јаневска.
Таа посочи дека дополнително се предвидува и повеќе практична настава за студентите, во текот на студирањето, со што ќе се создадат соодветни услови, а студентите ќе сметаат дека и во Македонија ќе можат да го постигнат истото знаење, вештини, компетенции кои би ги добиле во Словенија или во некоја друга земја членка на ЕУ.
Министерката за образование и наука, Јаневска вели дека има многу причини, зошто младите заминуваат да студираат надвор од земјата, едната е и севкупната општествена состојба.
-Долги години наназад, постојано се промовира дека оваа земја не е добра, дека овде се случува и реално се случуваа социолошки, општествени негативни феномени, кои децата, кога ние мислиме дека не се свесни, сепак се сосема свесни. Треба промена на целокупниот општествен систем, со почитување на право, правда. Со почитување на закони, со сведување на минимум на корупцијата и криминалот, за да им се врати довербата во сопствената држава – рече Јаневска.
Според неа, во државава патриотизмот долго време се сметаше за негативно чувство или негативен став кон општеството.
-Па тоа секако влијаеше на децата, не сме посветиле доволно внимание ниту на тоа. Дополнително во помалите возрасти го пропуштивме процесот на воспитување, процесот на однесување, процесот на почитување на државата, процесот на чувствување на државата, како своја – вели Јаневска.
Таа додаде дека доволно внимание и изминатите години биле заборавени и процесите на интегритет на децата и наставниците.