СО МАСКА НА ДИНОСАУРУС ПРОФЕСОРОТ МАРКОВСКИ ПРЕД ВАРДАРИШТЕ „Ќе изумреме и ние ако не се справиме со загадувањето“
Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште, рече кадидатот за градоначалник на Скопје од граѓанската иницијатива „Независни заедно“, проф. Горан Марковски.
Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето, изјави денеска проф. Горан Марковски, кандидатот за градоначалник на Скопје од граѓанската иницијатива „Независни заедно“. Тој преку главата носеше маска од диносаурус за време на прес-конференцијата во близина на депонијата Вардариште, што ја одржа заедно со носителката на кандидатската листа за советници во Град Скопје, Јана Белчева Андреевска.
– Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од што било да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност – рече Марковски.
Белчева Андреевска нагласи дека реализацијата на усвоените стручни планови, како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште, модернизација на системите за гас и исцедок и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, ќе донесе видливи резултати. Таа додаде дека планот треба да вклучува затворање на дивите депонии, 24/7 периметарска контрола со видеоаналитики, термални камери и дронови за откривање на нови истурања и жаришта, со интегрирани податоци и јавна отчетност.
– Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни и ќе продолжат да работат за јавниот интерес, а тоа е чист воздух и здрава животна средина – рече Белчева Андреевска.