СО ЛАЖНИ ФАКТУРИ „ШМУКАЛЕ“ ПАРИ ОД СРЕДНО УЧИЛИШТЕ Кривични пријави за двајца тетовски превозници

Без правен основ биле фактурирани услуги во вкупен износ од 15.034.110 денари, а фактурите биле доставени до надлежните служби во училиштето со намера да се изврши наплата.

737

Полицијата во Тетово поднесе две одделни кривични пријави за „измама“ и за „давање лажен исказ“ против физички и правни лица осомничени дека, иако знаеле дека договорите за превоз на ученици биле истечени, изготвувале и доставувале фактури со цел неоснована наплата од средни училишта во Тетово.

Во првиот случај, СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.З. (46) од Тетово и против транспортно претпријатие од Тетово. Според наводите, во текот на септември и октомври 2024 година, тие изготвиле фактури иако биле свесни дека договорот за превоз на редовни ученици, склучен со едно средно училиште во Тетово, веќе бил истечен. Без правен основ биле фактурирани услуги во вкупен износ од 15.034.110 денари, а фактурите биле доставени до надлежните служби во училиштето со намера да се изврши наплата.

Бидејќи не успеале да ги доведат во заблуда одговорните лица во училиштето, осомничените, како што информира полицијата, дале лажен исказ кај нотар и ги доставиле истите фактури со барање да биде изготвен предлог-решение за нотарски платен налог, кој потоа бил донесен од нотарот.

Втората кривична пријава е поднесена против Ќ.Ф. (59) од селото Шемшово и против правно лице од истото село. И во овој случај, според полицијата, во септември и октомври 2024 година пријавените знаеле дека договорот за превоз на редовни ученици со средно училиште во Тетово бил истечен. Сепак, на 10 јуни 2025 година, без правен основ, изготвиле фактури за услугите во септември и октомври 2024 година, во вкупен износ од 2.152.447 денари.

Фактурите биле доставени до надлежните служби во училиштето со намера да се доведат во заблуда и да се изврши наплата, а пријавените потоа дале лажен исказ и пред нотар, барајќи да биде изготвен предлог-решение за нотарски платен налог.

Од СВР Тетово информираат дека по двата случаи се преземаат натамошни мерки и активности во соработка со надлежното јавно обвинителство.

Поврзани содржини