СО КОЕ ЛИЦЕ ГЕРАСИМОВСКИ ПОВТОРНО БАРА ДОВЕРБА ВО ЦЕНТАР? Вишинска му ги наброја сите неисполнети ветувања
Општинските бараки сè уште стојат. Новата општинска зграда, предвидените простории за младински центар и здруженијата - каде се? Градинка во Маџир Маало, градинка во Клинички центар, воспитно-образовен центар, се само илузија и постојат само на хартија, вели Марина Вишинска, член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар.
Денес сме тука со факти, јасно и гласно да кажеме дека Центар стагнира, а центарци ги живеат последиците од неисполнетите ветувања, рече денеска на прес-конференција Марина Вишинска, член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар.
– Градоначалникот Горан Герасимовски многу вети, но малку направи. По 4 години, неговите ветувања се само празни букви на хартија. Градинка во Маџир Маало, градинка во Клинички центар, воспитно-образовен центар со градинка и училиште во парк 1, се само илузија и постојат само на хартија. Клучните проекти за децата и образованието останаа само зборови. И додека тој се фали со „грижа за најмладите“, реалноста е – никаква реализација – рече Вишинска на прес-конференција во партиското седиште.
Монтажен паркинг со 296 места во Дебар Маало, катна гаража спроти ПУИК, монтажен паркинг, во Пролет, гаража од 10.000 квадратни мерки кај Клиничкиот центар – ги нема во реалноста, ниту се планирани, додаде таа.
– Наместо решено паркирање, центарци добија само хаос и изневерени очекувања. Парк и нова административна зграда на локација ПУИК, парк со игралиште кај Клинички центар и игралиште кај куќата на Есма Реџепова кај Кале, се само празни ветувања на Герасимовски. Зеленилото и спортските површини постојат само во предизборните брошури – рече Вишинска.
А кај „Треска“ што добивме – бетонизација, Центар ја губи душата, но кој профитира, потенцира таа.
– Општинските бараки – сè уште стојат. Новата општинска зграда, предвидените простории за младински центар и здруженијата -каде се? Четири години само празни ветувања. И денес, истиот човек повторно ветува и повторно бара доверба? Со кое лице? Зарем навистина мисли дека центарци забораваат? Центарци заслужуваат повеќе од лажни ветувања. Центарци заслужуваат достоинствен живот. Заслужуваат одговорна, транспарентна и чесна локална самоуправа, градена на темелите на промените – рече Марина Вишинска.