Со каков резил се соочува ЕУ?
Долго се зборуваше дека Европа треба да се подготви за можното враќање на Доналд Трамп. Но Европа тоа главно не го направи на задоволителен начин. Остануваат уште околу шест месеци. Што ќе се направи во тој период? Брисел во секој случај јасно стави до знаење дека одговорот на ова прашање не е содржан во чекорите што ги прави Виктор Орбан.
Треба ли во атмосфера на воспалени чувства и заострени ставови да се преиспитува практиката на функционирањето на ЕУ?
Ако започнете да дискутирате за тоа како различни земји се однесувале, соработката во рамки на ЕУ ризикува да биде изложена на ризици од сериозни оштетувања. „Од институционална перспектива, опасно е да почнеме да заговараме такви заложби“, смета Мари Демкер, шведска професорка по политички науки при Универзитетот во Гетеборг. ЕУ денес е кревка заедница така што од посебно значење во сегашната безбедносно-политичка ситуација е да се зачува ЕУ-единството. Успешноста на политиките за кои се залагаат лидерите на ЕУ се оценува токму од аспект на внатрешното единство на Унијата, сфатено како врвен приоритет.
Во ЕУ се прошири хаос. „Мировните патувања“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан се проследени со бројни реакции и остри критики дека ситуација е излезена од контрола, и дека на Унијата тоа и навлекло срам. Или дека Орбан направил резил во ЕУ со своите можеби не сосема неочекувани методи. Кога е тој во прашање, се чини дека ништо не е случајно.
Надворешната политика секогаш предизвикува тешкотии за усогласување на ставовите во рамки на големиот систем на ЕУ. Унгарскиот премиер Орбан, кој веќе подолго време ги конфронтира своите гледишта со Брисел, се обиде да го скрати тој напорен пат на долги преговори и да преземе сопствена мировна иницијатива за војната во Украина, во својство на ротирачки претседавач со ЕУ. Тој, се разбира, со таквиот потег го вклакуриал и очекувањето дека неминовно ќе го навлече врз себе гневот на европските моќници.
Прашањето дали некој друг би можел да преземе нешто за изнаоѓање решение за конфликтот во Украина, – освен дека нема отклонување од заедничкиот став на ЕУ за неприфаќање преговори без Украина и дека европската поддршка на Киев мора да продолжи сè додека тоа бие потребно, – не беше споменато. Тоа што можеше да се слушне, со иритирани тонови, пред сè од страна на бриселската бирократија, е дека никој не му дал право на Орбан да го злоупотребува претседавачкиот мандат за да преговара од името на ЕУ.
Вообичаено се вели дека ЕУ се засновува врз заеднички вредности и кохезија, нејзините регулативи се темелат на фактот дека членките се солидарни и на секоја членка и се дава шанса да биде вклучена во управувањето со Унијата. Оттука и произлегуваат ротирачките полугодишни претседателства.
Но, моделот не е нарочно ефикасен дури и кога лојалните членки ја преземаат претседавачката палка. Значењето на претседавачкиот мандат во изминатите години постепено се намалуваше, така што, всушност, повеќе се користи за промовирање на самата земја претседавач, отколку на колективните заложби.
Успехот на земјата претседавач со ЕУ, значи, најмногу се мери преку усогласувањето и доближувањето на ставовите во однос на прашањата кои во даден момент претставуваат предизвик.
Долго се зборуваше дека Европа треба да се подготви за можното враќање на Доналд Трамп. Но Европа тоа главно не го направи на задоволителен начин. Остануваат уште околу шест месеци. Што ќе се направи во тој период? Брисел во секој случај јасно стави до знаење дека одговорот на ова прашање не е содржан во чекорите што ги прави Виктор Орбан.
Многумина во ЕУ сигурно се надеваат дека сепак нема да биде толку лошо доколку Трамп повторно биде избран за претседател. САД не го напуштија НАТО ни минатиот пат, а нивниот воен ангажман во Европа сепак остана силен. Дали Трамп и покрај се би можел да се премисли околу радикалниот рез што го заговара во однос на преговорите со Путин за прекин на војната?
Секако дека може да се зборува за надежи, но безбедносната политика тешко се гради и засилува на надеж. Создавање на воена моќ и капацитети во одбранбената индустрија е скапо и бара време, а развивањето на реални алтернативи за американскиот нуклеарен чадор е практично невозможна задача за Европа на краток рок.
Во загриженоста околу тоа што би можела Европа на ефикасен начин да направи во зајакнувањето на сопствените позиции, се манифестира жестина со хорски повици за одземање на претседавачкиот мандат на Виктор Орбан, или барем да се спречи да патува наоколу, претставувајќи се дека зборува од името на Унијата. Тоа, се разбира, би било со цел да се проектира европско единство, како ментална подготовка за фактот дека се засилуваат очекувањата оти крајот на годинава би можело да се случи нешто сосема ново и мошне опасно.
Но отстранувањето на Виктор Орбан од мандатот на ротирачки претседавач не ветува добар исход за јакнење за соработката во ЕУ. Таков радикален пристап всушност би ја ревидирал практиката со отворање на можности да се прават проценки за тоа која земја-членка е соодветна, а која не е да ѝ се довери управувачка функција.
Затоа се предупредува дека оспорувањето на една членка би водело кон оспорување и на други, низ процес кој не би бил од полза токму во однос на она што најмногу се посакува – европско единство кое не стои на стаклени нозе.