СО ИЗМЕНИТЕ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК СДСМ И ДУИ СОЗДАДОА МОЖНОСТ ЗА СОПСТВЕНА АМНЕСТИЈА Правосудството е контаминирано од мал дел партиски послушници на претходната власт
Правосудниот систем во земјава во одреден дел е контаминиран од страна на поранешната влада на СДСМ и ДУИ, особено во делот на измените на Кривичниот законик, оцени премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Алфа.
Според него, некои лица од претходната власт можат да се повикуваат на поповолни закони, што како што вели, е најголемиот проблем, затоа што создале правна основа за сопствена амнестија.
– Генерално, луѓето во правосудството се чесни луѓе. Има еден мал дел, којшто е контаминиран, и којшто за жал го контаминира целиот систем. Тоа се најчесто партиски послушници, коишто се рецидив на поранешната влада на СДСМ и ДУИ и коишто жестоко се борат за тие коишто ги поддржале да добијат некаква бенефиција, позиција итн. – вели Мицкоски.
Според него, постојат два клучни момента кои што влијаеле на распадот на правдата, од кои првиот е изборот на судиите во парламентот, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, а вториот е измените во Кривичниот законик што ги донесе владата на СДСМ и ДУИ.
– Владата на СДСМ и ДУИ пред одење практично ги донесе измените во Кривичниот законик и кога избриша еден добар дел од членот 353, тој фамозен член 353, поради две причини. Првата е за да се амнестираат себе си и втората причина е, на тој начин мислеа дека ќе амнестираат некого, којшто ќе може во тоа време да нанесе штета на тогаш најсилната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Успеаја во првиот дел од својата намера, во вториот дел не успеаја. ВМРО-ДПМНЕ денес е поголема од сите политички партии заедно – рече Мицкоски.
Тој истакна дека сите од претходната влада на СДСМ и ДУИ, секогаш ќе се повикуваат на поповолниот закон.
– За нив поповолен закон е овој моменталниот сега, кога е избришан членот 353 став 5, кога други делови од Кривичниот законик се избришани. Секогаш ќе се повикуваат на тоа, без разлика ние отсега натаму каков закон ќе донесеме, и отсега натаму какви измени ќе направиме. Сите од претходната влада кога ќе дојдат на судско рочиште ќе речат „јас се повикувам на законот кој што беше од тогаш до тогаш, бидејќи тоа е во тоа време“. И тука е најголемиот проблем – посочи Мицкоски.