СО ИСТРАГАТА ЗА ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА ОПФАТЕН Е И ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ Се проверува каква улога имал Таче во игрите на среќа
Во истрагата за сомнежите за криминалот во Државна Лотарија на Македонија вклучен е и експремиерот Димитар Ковачевски.
Се проверува неговото работење и влијание во случајот.
Како што пишуваше Плусинфо пред повеќе од една година, тајно и на мала врата претходната Влада во јуни 2023 година донела одлука да овозможи почнување постапка за основање три нови друштва за приредување интернет игри на среќа, кои ќе бидат под нејзина капа, односно под капата на Државната лотарија на Република Северна Македонија. Одлуката донесена на 14.6.2023 година е потпишана од првиот заменик на претседателот на Владата на РСМ, Артан Груби. Оваа Одлука го отвора прашањето како постапката за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа воопшто ќе се спроведува и дали и до кој степен зад неа се кријат лични интереси на владини функционери?
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, лани во октомври го откри скандалот и тогаш јавноста не доби објаснување од засегнатите.
– Втора недела Артан Груби, ДУИ, Ковачевски, Лотарија, немаат одговор за скандалот – како директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами изнајмува локал за цели 21.000 евра месечно од фирма чиј што дел е член на УО на Лотарија, Шабан Азмовски, Хамза и тоа со договор на 10 години? Ќе ги повторам прашањата кои што досега останаа неодговорени, до Артан Груби, но и до Спасовски, до Грковска, па и до Ковачевски кои што мора да одговорат, како тоа Перпарим, директорот од Лотарија најмува простор од фирма каде дел Шабан Хамза, член на Управниот одбор на Лотарија? Дали Перпарим од Лотарија ќе каже дали не знаел дека Шабан Азмовски Хамза го регистрирал името на порталот ХЕЈ на фирмата каде ќе истурат 2,6 милиони евра? Артан Груби мора да каже како тоа во Лотарија завршиле и Перпарим Бајрами и Шабан Азмовски Хамза, но и оној со фирмата „Медиа Девижн 2021“, Фидан Селими. А, Али Ахмети и Димитар Ковачевски мора да одговорат како сите големи државни тендери се вртат околу зетот на Ахмети и неговиот бизнис ортак Ерџан Сулкоски – повика Стоилковски.
Новата Влада го раскина Договорот за закуп за деловен простор склучен меѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државна лотарија, а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тој е основа за покренување кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна туку дури и до три пати поголема од пазарната.