„СО ИНФЛАЦИЈА ОД 20%, СДСМ РУШЕШЕ ЕВРОПСКИ РЕКОРДИ“ Филипче не научи од лекциите од минатото, вели Мицкоски
Сфатив дека тие на оваа кампања, во овие избори, не само што не ја научиле лекцијата од минатото, туку продолжуваат истата грешка да ја прават. И кога не води црна кампања, тогаш СДСМ не ја говори вистината и како што вели народот, лаже, па ќе зборува дека имало сега рекордно високо ниво на инфлација, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од општина Чашка велејќи дека инфлацијата во времето на СДСМ изнесувала повеќе од 20%.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја прокоментира вчерашната изјава на претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој рече дека инфлацијата е висока, потенцирајќи дека во време на власт на СДСМ, инфлацијата изнесувала и високи над 20%. Зборувајќи од митингот во општина Чашка Мицкоски рече:
– Филипче зборуваше за инфлацијата, стандардот на граѓаните и за тешкиот живот. Во прво време не го сфаќав сериозно и мислев дека тоа што го говори е практично нешто коешто му е кажано да го каже, па потоа ќе каже дека ја научиле грешката од минатото, дека еве сега врз основа на таа грешка нема повеќе да грешеле, ако ја добијат довербата. Но, во суштина сфатив дека тоа е нивната стратегија на овие избори да кажуваат нешто коешто воопшто и не го разбрале. Сфатив дека тие на оваа кампања, во овие избори, не само што не ја научиле лекцијата од минатото, туку продолжуваат истата грешка да ја прават. И кога не води црна кампања, тогаш не ја говори вистината и како што вели народот, лаже, па ќе зборува дека имало сега рекордно високо ниво на инфлација. До само пред година и половина, две години, Македонија беше рекордер во стапката на инфлација во Европа, којашто на моменти изнесуваше и повеќе од 20%.
Мицкоски побара поддршка за кандидатот за градоначалник на општина Чашка, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Андоновски.
Овие избори се одлука за вашата иднина и за иднината на вашите деца. Вие го одбирате човекот кој ќе се грижи за вашето маало, за вашата улица, за вашата општина. Со тој избор вие сакате да имате човек кој ќе биде вашиот глас во општината, човек на кој можете да се потпрете кога ви треба помош, човек кој ќе ве сослуша кога имате што да кажете, кој ќе работи и ќе решава проблеми.
Од друга страна, додаде Мицкоски, нашите конкуренти ниту имаат програма, ниту имаат знаење, имаат само конструкции, фабрикувани лаги и многу омраза.
– Поминавме седум тешки години кога претходната влада на СДСМ и ДУИ создаваше хаос, уривања, поделби и многу криминал и тие години на апатија и безнадежност народот не ги заборава, колку и денес да се трудат ова време да се заборави. Пред само 15 месеци истите тие луѓе беа причината за сите неправди и неуспеси. Сега истите тие не може да бидат алтернативата која ќе донесе резултати. И така безобразно продолжуваат и оваа кампања да не ја говорат вистината – рече Мицкоски.
Андоновски им се обрати на сограѓаните ветувајќи реконструкција на градинката во Мелница и патот кон Врановци.
– Сите овие денови бевме меѓу вас — на вашите улици, во вашите домови, во секое маало и населено место, во секое село. Нашата цел е јасна: Чашка да живее подобро! Да има подобри патишта кои ќе ги поврзуваат селата, сигурно водоснабдување во секој дом, подобра канализација и уредена околина, чисти улици, осветлени населби, и услови кои ќе ги задржат младите тука, да создаваат, да работат и да градат иднина во своето место. Ќе се реконструира градинка во село Мелница, реконструкција на патот кон село Врановци, реконструкција на патишта во село Богомила и село Ореше, водоснабдување на жителите во село Лисиче, изградба на културен дом во општина Чашка итн.
Андоновски вели дека доаѓа нов почеток за општината.
– Градиме општина во која луѓето се сплотени, поддржани и еднакви. Општина во која нема поделби, туку рамо до рамо стоиме сите — земјоделци, работници, пензионери, млади, стоиме сите без разлика на верска и национална определба. Единството е нашата најголема сила! Кога сме обединети, ниту една пречка не е преголема. Кога сме заедно, секој проект е остварлив, секоја идеја станува реалност. Денес Чашка е на прагот на нова страница. Страница која ќе ја испишеме со работа, одговорност и љубов кон нашето место. Ние не ветуваме празни зборови — ние ветуваме дела. Ветуваме дека секое ветување ќе стане проект.