СОЅИДАНИТЕ 350.000 ЕВРА СЕ СИМБОЛ НА НЕКАЗНИВОСТ Филков најави реакција на сите индиции за злоупотреби
Случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350.000 евра, скриени и заѕидани во ѕид, не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем – рече Филков.
Овој случај, според Филков дополнително ја нарушува довербата во целото судство и ја доведува под сомнеж функцијата судија која што треба да е во служба и во интерес на граѓаните и на правдата, а не привилегија.
Истовремено, јавноста сведочи и на сериозни предизвици во функционирањето на обвинителството – недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недоволна решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.
– Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука. Јасно е дека проблемот е системски и не се однесува само на поединечни случаи. Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори – нагласи министерот Филков.
Тој на денешната прес-конференција се осврна на актуелните состојби во правосудството и пристапот на Министерството за правда кон утврдување на фактичката состојба на терен и преземањето конкретни мерки.
– Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат. Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор, тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата? – додаде Филков.