Со хорор-институции пред портите на ЕУ

Едно општество за сите. Или можеби ако би рекле едно праведно општество кое се темели на принципи за еднаква грижа за сите. Без оглед што веројатно тешко би се постигнала согласност кој сè би требало да биде опфатен со саменката „сите“.

1,093

Свеста во Западен Балкан околу европските вредности и зачленувањето во ЕУ не може да се изгради главно преку медиумски слики на средбите и прес-конференциите на европските лидери со политичарите од регионот, туку пред сè преку силни заложби за широк едукативен процес на населението, и тоа уште од претшколска возраст.

Звучи нападно доколку постојано се повторува „ние сме Европа, правиме сè што се бара од нас, но тие, ете, не сакаат да нè примат“, а притоа свесно да се затвораат очите пред фактот дека западнобалканските економии се окарактеризирани како неконкурентни, со силно политичко влијание и значително неразвиен приватен сектор. Структурните реформи, кои имаат ефект врз пазарот на трудот и вработувањето на младите, постојано заостануваат.






Низа области на секојдневното функционирање на општеството бараат неодложен „европски“ пристап, а за што неопходните претставки не треба во прв план да се доведуваат во врска со политичките блокади и вета, претпристапните преговори, меѓувладини конференции и регионални билатерални спорови. Не може да се случи суштинско доближување до евроинтеграциите доколку содржините на тој долготраен процес не се исполнат со вредно, посветено и најнапред приземно работење, со кое ќе се овозможи достоинствен живот на секој обичен граѓанин.

Едно општество за сите. Или можеби ако би рекле едно праведно општество кое се темели на принципи за еднаква грижа за сите. Без оглед што веројатно тешко би се постигнала согласност кој сè би требало да биде опфатен со саменката „сите“.

Но нема сомневање дека една група која традиционално е прилично запоставена и маргинализирана во општеството се лицата со попреченост, и нивните права во општеството. Во еден поширок контекст околу оваа проблематика треба да се спомене дека кохезивната политика на ЕУ се темели врз поддршка на социјалната инклузивност на поранливите категории граѓани и тоа пред сè лица со функционална попреченост, како и нискообразованите, имигрантите и етничките малцинства. Социјалниот инвестициски пакет на ЕУ ги опишува реформите што се неопходни во земјите-членки за да се изгради одржлива социјална политика, при што никој нема да биде отфрлен од општеството и стигматизиран како аутсајдер.

Повеќегодишните проектни заложби на шведската хуманитарна фондација „Лоза“, почнувајќи од 2016 година, за подобрување на условите во Специјалниот завод за лица со попреченост во Демир Капија, открија слика на запоставена институција, полошо од она што „повеќето луѓе не би можеле ни да го замислат.“ Но упорноста сепак вроди со плод, така што сега, по пет години од реализацијата на проектот, веќе може да се зборува за фантастичен резултат, бидејќи петнаесет лица од Заводот добија можност да се иселат оттаму во нов групен дом, направен според шведски модел. Во новиот дом ги очекуваат не само подобри животни услови, туку и почеток на нов живот во слобода, со човечко достоинство и почитување на нивниот личен интегритет. Планот е да се изградат уште седум такви групни живеалишта со персонална асистенција, каде што уште 35 лица ќе можат да се преселат во текот на 2022 година. „Сите треба да имаат право на свој дом“, вели Сабина Грубесон, генерален секретар на фондацијата „Лоза“, која е и почесен член на Македонскиот сојуз во Шведска. Позитивни примери, се разбира внесуваат светли тонови и верба во иднината.

Пред извесно време во шведски медиуми беше објавена серија написи со фотографии од „мизеријата“ во која се принудени да живеат лица со попреченост во заводот во Демир Капија. Секој што ги прочитал тие написи сигурно почувствувал силен горчлив вкус во грлото, читајќи го описот на нехуманите страшни услови во таа „хорор-институција“.

Многумина читатели на весникот „Гетеборг-постен“ реагираа со прашања како е можно некој да живее во такви екстремно мизерни услови во денешна Европа. Шведската новинарска екипа даде свое објаснување зошто ги објавиле сликите од „мизеријата на Европа“, односно „од една Европа за која не верувале дека постои“, изразувајќи едновремено уверување дека никој што ќе го ги види условите во Специјалниот завод во Демир Капија не би можел да остане нетрогнат. Да се објават такви фотографии „не беше воопшто лесна одлука“, но како медиум сепак „го ставивме нарушувањето на личен интегритет на пациентите наспроти значењето да ѝ го покажеме на јавноста страшниот третман што се принудени да го издржат“. Бидејќи, ако се покажат фактичките состојби, можеби промените ќе се случат побрзо и „овие злосторства против човековите права“ ќе престанат.

„И јас да сум роден таму (во Македонија) би седел во некој ќош“, изјави европратеникот Давид Лега од редовите на шведските демохристијани, кој го посети заводот во Демир Капија во придружба на шведските новинари. Лега е успешен параплегичар со повеќе златни медали на светски и европски првенства во пливање. Тој се осврна на состојбите во Македонија поврзани со третманот на инвалидизирани лица со физички оштетувања и попреченост, укажувајќи дека на тоа прашање треба да му се посвети сериозно внимание, имајќи предвид дека Македонија се надева да добие зелено светло за преговори со ЕУ. Токму затоа, смета Лега, кој е роден со парализирани раце и му недостасувале мускули на нозете, фокусот треба да се насочи и кон луѓето кои страдаат од попреченост и се изложени на дискриминација.

Самокритиката не секогаш ценета и посакувана одлика. Но води кон запознавање на самиот себеси и може да има заштитен ефект од разочарувања. Без темелно реформирање на свеста на населението, која било земја, па и Македонија, тешко може да се интегрира во систем на вредности што функционира. А во тој систем особено има значење свеста за еднаквата вредност на луѓето.

Систем, или општество, во кое аутсајдерите не се оставени на милост и немилост, како жртви на својата несреќна судбина.

Поврзани содржини