СО ГЛАВАТА ВО ВРЕЌА, ВРЗАН СО ЛИСИЦИ, ЛАНЦИ И КАТАНЦИ Бугаринот Петков исплива жив и здрав од дното на Охридското Езеро
Пред секој негов подвиг, тој користи невообичаени техники на медитација и дишење, а денеска изјави дека не планира да застане тука, туку ќе продолжи да изненадува со нови подвизи сѐ додека го држи телото.
Врзан со лисици, ланци и катинари, потопен на езерското дно на Охридското Езеро, во близина на градското пристаниште во Охрид, 70-годишниот Јане Петков од Бугарија успеа да се ослободи и да излезе на површината на водата, по примерот на светски познатиот илузионист Хари Худини.
Пред секој негов подвиг, тој користи невообичаени техники на медитација и дишење, а денеска изјави дека не планира да застане тука, туку ќе продолжи да изненадува со нови подвизи сѐ додека го држи телото.
– Се чувствувам одлично. Малку ми беше студено, но сепак сѐ се заврши успешно. Посебно ќе нагласам дека позитивната мисла и енергија кои ги имам ми помагаат мирно и добро да ги завршам сите предизвици. Секогаш пред мене си поставувам нови и уште потешки предизвици. Нема невозможни работи, сѐ може да се постигне, само човек треба да верува во тоа. Тајната на виталноста и успехот е хармонија на трите основни енергии, на чувствата, умот и на водата – рече Петков.
Ова беше втор настан кој Црвен крст Охрид го организира со Јане Петков.
Првиот, спортско-медицински настан за Гинисов рекорд, беше организиран во септември 2013 година, кога Јане Петков преплива растојание поголемо од 2 километри во Охридското Езеро, целосно врзан во вреќа.
На почетокот на 1990-тите, тој постави уникатен рекорд за пливање 2.100 метри под вода за нешто повеќе од еден час, земајќи здив секој пат кога ќе го допре ѕидот.