СО ФОТОГРАФИЈА ЌЕ ДОКАЖУВААТ ДАЛИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА Австралија воведува апликација за позитивни на ковид-19
Од граѓаните кои се во карантин, државата ќе бара преку апликацијата да ја споделат својата локација со власта, но и во рок од 15 минути откако ќе ја добијат текстуалната порака, да се фотографираат на адресата која ја пријавиле како локација за изолација.
Австралиската влада тестира нова апликација која ќе ја користи технологијата на препознавање на лицето и на геолокацијата за да се увери дека заразните со коронавирусот ги почитуваат правилата на карантин.
Според тамошните медиуми, апликацијата наречена „Домашен карантин“ ќе се употребува во Јужна Австралија, една од австралиските држави, за следење на тие на кои поради заразата со коронавирусот им е одреден карантин.
Сите жители на Јужна Австралија на кои им е одреден карантин ќе мора апликацијата да ја симнат на својот мобилен телефон. Државата, потоа, во случајно избрано време, ќе испрати текстуална порака, а лицето ќе мора да докаже дека се наоѓа на локацијата на која би требало да биде изолацијата.
Конкретно, од граѓаните кои се во карантин, државата ќе бара преку апликацијата да ја споделат својата локација со власта, но и во рок од 15 минути откако ќе ја добијат текстуалната порака, да се фотографираат на адресата која ја пријавиле како локација за изолација.
Лицата кои нема да одговорат со фотографија на пораката, некој набрзо ќе се јави и ќе праша зошто не се јавиле, а ако не одговорат на повикот, на нивна адреса ќе биде испратена полиција.
Пробното користење на апликацијата почнало на 23 август со 50 учесници, но премиерот Маршал потврдил дека се планира воведување на апликацијата во цела Јужна Австралија.
Американскиот Атлантик апликација ја опишал како орвеловска.