СО ФАЛИСИФИКАТИ ИЗМАМИЛЕ ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ Финансиската полиција открила 19 сомнителни набавки, фирма зела речиси милион евра

Фирма добила 19 јавни набавки со фалсификувани банкарски гаранции, а штетата за државата се проценува на речиси 57 милиони денари, соопшти Управата за финансиска полиција.

624

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против двајца управители на фирмата „Тритерол Петрол“ од Скопје – Љ.П. и З.А., како и против самото правно лице, поради сомневање дека со фалсификувани банкарски гаранции успеале да добијат 19 јавни набавки и да се стекнат со незаконска корист од речиси 57 милиони денари.

Според информациите од Финансиската полиција, пријавените во периодот од 2021 до крајот на 2024 година користеле вкупно 19 лажни исправи, фалсификувани банкарски гаранции кои ги доставувале во постапки за јавни набавки пред 12 државни и јавни институции.






– Станува збор за организирано и свесно користење на невистинита документација со цел добивање договори за јавни набавки. Преку ваквото постапување директно биле прекршени прописите во постапките за јавни набавки – велат од Управата за финансиска полиција.

Од институцијата додаваат дека со фалсификуваните гаранции, фирмата склучила 19 договори за јавни набавки и на тој начин се стекнала со противправна имотна корист од 56.764.827 денари.

– Ова е класичен пример како злоупотребите во системот на јавни набавки создаваат сериозни финансиски последици за државата – велат од Финансиската полиција, нагласувајќи дека предметот е целосно документиран и предаден во Основното јавно обвинителство Скопје.

Обвинителството треба да одлучи дали ќе поведе постапка за делата „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно–приватно партнерство“.

Поврзани содржини