СО ФАЛЦ ДОКУМЕНТИ ДОЗВОЛИЛЕ СЕЧА НА КОЖУФ Кривична пријава за двајца вработени во шумско стопанство

Против двајцата е поднесена кривична пријава поради сомнение за „несовесно работење во службата“ и „фалсификување службена исправа“.

52

Двајца вработени во Подрачното шумско стопанство „Кожуф“ во Гевгелија се осомничени за сериозни пропусти и злоупотреби во работењето. Против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за „несовесно работење во службата“ и „фалсификување службена исправа“.

Станува збор за Л.М. (32) и Н.А. (45), двајцата од Гевгелија, против кои постапката ја покрена ОВР Гевгелија. Според наводите, на 16 октомври 2025 година, Л.М., кој работел како референт за користење на шуми и дотур во Јавното претпријатие „Национални шуми“, подружница Шумско стопанство „Кожуф“, издал дозвола за сеча на огревно дрво иако претходно воопшто не било поднесено барање за обезбедување дрвни сортименти.






Неговиот колега, Н.А., вработен како референт за превоз, во службената документација впишал дека такво барање било доставено, без притоа да провери дали тоа навистина се случило. Дополнително, Л.М. не извршил прием на испорачаната дрвна маса, ниту го спровел задолжителниот надзор, иако бил должен да ја контролира количината и квалитетот на исеченото дрво.

Кај второпријавениот, пак, се утврдени и неправилности при транспортот. Тој издал испратница за превоз на огревно дрво наведувајќи дека станува збор за бука, иако во возилото биле натоварени дабови дрва. При жигосувањето, користел шумски жиг што не одговарал на оној наведен во испратницата, а дел од дрвните сортименти воопшто не биле жигосани.

Како дополнителен проблем, во дозволата за сеча и во испратницата бил внесен и невистинит податок за лицето кое наводно го поднело барањето за сеча.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.

Поврзани содржини