СО ДИРЕКТНИ ПРЕГОВОРИ ЗАВРШИЛЕ ТЕНДЕРИ ВО ИЗНОС ОД 7,9 МИЛИОНИ ЕВРА „Електрани“ склучила 6 вакви договори во првото полугодие

Мониторингот на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации покажува дека секој четврти тендер е со една или ниту една понуда.

457

Во првото полугодие од 2021, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра. На ниво на институции предводи АД „Електрани“ (ЕСМ), кое без објавување оглас склучило 6 договори во вредност од 4 милиони евра, покажува  Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени во периодот од јануари до јуни 2021 година на Центарот за граѓански комуникации.

Според мониторингот, преку  оваа постапка АД „Електрани“ ги склучила и  договорот за изработка на усек за раздвојување склучен со Трговско друштво за градежништво, производство, трговија и услуги ТОПЛИНА – увоз-извоз ДООЕЛ с. Подмолје, Охрид, во вредност од  околу 2,5 милиони евра и договорот за ревитализација и реконструкција КУ 300 (РЕК Битола), склучен со Друштвото за производство, градежништво, инженеринг, трговија на големо и мало увоз-извоз и 16 услуги МЗТ ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Битола, во вредност од околу 960 илјади евра.






Во групата на договорни органи со поголем број договори без објвување оглас се и ЈЗУ Клиничка болница Битола, со 10 договори склучени во вкупна вредност од 350.000 евра и ЈЗУ Општа болница Куманово, со склучени 14 договори во вкупна вредност од 242.000 евра.

Во извештајот Ценатарот  посочува и дека иако незадолжителна, електронската аукција била применета во 91 отсто од јавните набавки што упатува на тоа дека е-аукцијата се користи како механизам за манипулации и корупција.

-Честото совпаѓање на вредноста на доставените понуди со проценетата вредност на тендерите, која не е јавно објавена, упатува на претходно договарање меѓу институциите и понудувачите – велат од  ЦГП.

Мониторингот укажува и дека постојат примери на нееднаков однос кон понудувачите, како и случаи на ограничување на конкуренцијата.

– Нееднаквиот однос кон понудувачите води кон две крајности, во едната понудувачите се исклучуваат од тендерската постапка и за работи кои не се предвидени со Законот, а во другата крајност се прифаќаат погрешно напишани финансиски понуди, кои според Законот се неприфатливи – велат од Центарот за гражански комуникции.

И во овој период, според извештајот не е надмината практиката да се доставуваат понуди што се идентични со проценетата вредност, која не е јавно објавена.

–  Тоа нескриено упатува на претходно договарање. Во мониторираниот примерок се забележани значителен број тендери во коишто проценетата вредност не била јавно објавена, односно не била наведена во огласот за јавната набавка, но понудувачите „идеално“ ја вклопиле својата понуда во неа – посочуваат од ЦГК.

И во овој период на секој четврти тендер е доставена една или ниту една понуда, а низ мониторингот се забележани случаи на ограничување на конкуренцијата.

Поништувањето на тендерите во првото полугодие од 2021 година останува исклучително високо и изнесува 26 отсто. Доминантен дел од тендерите се целосно поништени.

Во првото полугодие од 2021 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра. На ниво на институции предводи АД Електрани, кое без објавување оглас склучило 6 договори во вредност од 4 милиони евра.

Во извештајот се констатира и дека  управните контроли бележат благ пораст во однос на истиот период од претходната година, но бројот на тендери во коишто се констатирани неправилности се намалува.

Во првото полугодие од 2021 година Бирото за јавни набавки спровело 132 управни контроли, што е за 12отсто повеќе од првото полугодие од 2020 година.

Поврзани содржини