Голем број граѓани кои беа на скијање во Маврово денеска останаа заглавени со часови во километарски колони возила на патот Никофорово-Радика. Во некои од возилата има и многу мали деца, а се празнат и резервоарите со гориво.
„Фотографииве се тазе, денешни, вечерашни, сакаш да се вратиш во викендичка, ама те пренасочуваат да се враќаш од кај Леуново и Никифорово, цел круг околу езерото, оти нормални услови за движење од другата страна нема. Колоната е километарска, во недоглед, стоиш во место и не знаеш зошто? Ова го нема никаде, само овде кај нас, оти за жал системот не функционира како што треба“, велат во објавите на социјалните мрежи.
Освен студот, стравуваат дека ќе останат без бензин затоа што ги пренасочуваат од кај селата Леуново и Никифорово, треба да направат цел круг околу езерото, бидејќи велат дека нема услови за движење од другата страна.
Доцна вечерва беше соопштено дека редиците колони започнале да се движат и дека набргу ќе се реши колапсот во сообраќајот.