Со часови чекаат и се туркаат за да им кажат дека нема лични карти (ФОТО)
Цели два часа сум тука и чекам ред за да си ја подигнам новата лична карта, а кога влегов внатре, службениците ми рекоа дека нема лични карти и дека не знаат кога ќе има - вели револтирана скопјанка.
Големи гужви за подигнување лични документи во зградата на МРТ во Скопје. Педесетина граѓани чекаат да ја подигнат својата патна исправа или лична карта во делот каде што Министерството за внатрешни работи издава лични документи.
Наш читател кој ни ја испрати фотографијата вели дека има само еден полицаец кој го регулира бројот на луѓе кои ќе влезат во канцеларијата, но како што сведочат, вистински хаос, турканици и „дишење во врат“ се случува во ходникот каде што сите чекаат да им дојде редот.
Главниот проблем, според нашиот соговорник, е тоа што голем дел од луѓето со часови чекаат за лична карта, а кога веќе ќе влезат внатре, полициските службеници им соопштуваат дека нема лични карти поради тоа што, како што велат: „Треба да се изгласа некаков закон во Собрание“.
– Ако веќе нема лични карти, тогаш нека напишат на лист во ходникот дека нема лични карти. Цели два часа сум тука и чекам ред за да си ја подигнам новата лична карта, а кога влегов внатре, службениците ми рекоа дека нема лични карти и дека не знаат кога ќе има – вели револтирана скопјанка.