СО ЧАША ВИНО И СО НЕДОЛИЧЕН РЕЧНИК Ѝ ОДГОВОРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА АФЕРАТА „ПАРАЗИТИ“ Опозицијата бара од премиерот да го разреши Зиков
Со реакција се јави и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој побара од премиерот експресно да го разреши Зиков, а Владата јавно да се извини за навредите од својот функционер.
Згрозени сме од дрскоста и од безобразлукот на Љупчо Зиков кој е именуван функционер од Владата на Димитар Ковачевски, соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако Зиков на социјалните мрежи објави статус и фотографија во контекст на аферата „Паразити“.
„Тој ја навреди јавноста и сите кои бараа одговори од него за енормната висина на плата која ја добива од државното МЕПСО. После недоличните и крајно безобразни навреди на Љупчо Зиков кој е на функција во МЕПСО со примања од 80.000 денари добиени од граѓаните очекуваме Ковачевски експресно да го разреши. Во спротивно, однесувањето на Зиков и навредите ги сметаме за нарачка од Димитар Ковачевски“ истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со реакција се јави и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој побара од премиерот експресно да го разреши Зиков, а Владата јавно да се извини за навредите од својот функционер.
„Сѐ поинаку може да се разбере дека истите навреди се нарачка и поддржани лично од Ковачевски, но и дека фото-пораката е направена и испратена од некое заедничко владино спонзорирано гоштевање платено од буџетот. Што не е чудо, ниту за прв пат. Такво веројатно беше и шетањето на Зиков во Белград на Саемот за храна и вино, за што Владата даде 400.000 евра. Сѐ уште нема одговор што бараше Љупчо Зиков, директор на МЕПСО, на Саем на храна и вино во Србија, во работен ден, додека државата тоне во енергетски мрак и катастрофа? Зошто тој ден, ако не и сите три дена, Зиков не беше на работа, кој му го платил патот и сместувањето во Белград, дали можеби и дневници земал за патување? Без одговори и одговорност, ‘Паразитите’ ја изедоа државата со бифтеци и скапи вина, а кон граѓаните што го полнат буџетот за тие да земаат илјадници евра ќе им порачуваат да јадат ***“, напиша Стоилковски.