СО ЧАРТЕРИ МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА Oд недела стартуваат летовите за евакуација

Евакуацијата ќе се реализира со чартер-летови, а според планот на Министерството до средината на следната недела треба да бидат вратени сите македонски државјани кои побарале помош.

117

Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток ќе започне во недела со чартер-летови, соопшти Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија.

Од Министерството информираат дека веќе е склучен договор со авиокомпанија за реализација на летовите, по спроведена постапка согласно законските процедури. Според планот, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои побарале враќање во земјата.






Евакуацијата се организира во координација со дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во регионот, кои се во постојан контакт со граѓаните што се наоѓаат во земјите од Блискиот Исток.

Според последните информации, амбасадата во Доха досега контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле желба да бидат евакуирани.

Во меѓувреме, амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во ОАЕ, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и петмина од Саудиска Арабија.

Од Министерството повторно ги повикаа сите македонски државјани кои се наоѓаат во регионот и имаат потреба од евакуација или конзуларна помош да стапат во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на институцијата.

Точните технички и организациски детали за летовите ќе бидат дополнително утврдени, по што граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Поврзани содржини