СО БУГАРИЈА ЌЕ СЕ ПОВРЗЕМЕ СО ТУНЕЛ Пругата Куманово-Крива Паланка ќе почне да се гради на пролет
Железничкото поврзување меѓу двете земји ќе чини преку 600 милиони евра, со тоа што делницата од Куманово до Крива Паланка ќе почне со изградба на пролет, а делот од Крива Паланка до границата со Бугарија веќе следната година.
Воведувањето нова авиолинија од Софија до Скопје ќе придонесе за зближување на двата народа, како и за развој на економските односи и туризмот. Во следниот период до одржување на заедничката седница на Владите на Македониија и на Бугарија на 25 јануари, ќе се договорат деталите околу воведување на авиолинијата.
Ова го договорија двајцата министери за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев при денешната официјална посета на владината делагација од Бугарија, предводена од премиерот Кирил Петков.
На средбата министерот Бочварски го отвори прашањето за либерализација на транспортот на стока за и од трети земји. Двајцата министри договорија соработка на мешовити комисии за транспорт кои треба да работат на условите на целосна либерализација на транспортот на стока.
Бочварски го потенцираше и прашањето за модернизација на граничните премини, како и отворање нов граничен премин Клепало, кај Берово.
„Во однос на железничкиот Коридор 8, се разговараше за изградба на заеднички граничен тунел што ќе ги поврзе овие две земји како дел од проектот за железничко поврзување. Министерот Бочварски информираше дека вкупниот проект ќе чини преку 600 милиони евра, со тоа што делницата од Куманово до Крива Паланка ќе почне со изградба на пролет, а делот од Крива Паланка до границата со Бугарија веќе следната година“, се наведува во соопштението од кабинетот на Бочварски.
Во делот на патната инфраструктура, Македонија инвестира преку 200 милиони евра во модернизација на патната мрежа кон Република Бугарија, со тоа што веќе средината на 2023 година со изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка ќе имаме нова, модерна и безбедна патна делница од Скопје до граничниот премин Деве Баир.