СО БРИСОВИ ЌЕ СЕ ЛОВАТ АСИМПТОМАТСКИ ДЕЦА Следната недела скрининг за ковид на 8.200 ученици

Филипче не очекува во следниот период да има силен бран на ковид-19, но додава дека состојбата постојано се следи и ќе се преземаат мерки согласно нејзиниот развој. Засега не се размислува за воведување задолжителна вакцинација.

307

Скринингот на учениците за присуство на вирусот на ковид-19 ќе почне следната недела, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Моделот за скринингот е готов. Задоцнивме една недела, но нешто подолго потраја анализата на учениците по училишта, во основни и во средни. Со оглед дека сега е подготвена методологијата, од утре ќе започнеме да бараме заедно со МОН писмена согласност од родителите согласно методологијата. Јас верувам дека до крајот на оваа и почетокот на следната недела тоа ќе се обезбеди за во текот на следната недела и практично да се спроведе скринингот – рече Филипче на новинарско прашање по неговото обраќање на настан за подигање на свесноста за значењето на донирање органи и ткива во лекување и спасување човечки животи.






Тој појасни дека се знае колку деца од кои класови и училишта ќе бидат опфатени и апелира до родителите да го прифатат скринингот.

– Не е тоа ништо страшно, се зема опбичен брис кај децата, исто како брисевите за детектирање и на други причинители на горнореспираторни инфекции со цел за пократко време да имаме еден пресек. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме хоспиталиизрани деца. Десетина до 15 деца се во болницата во Козле и во ниту една друга институција. Нема податоци за ниту една друга трансмисија во училиштата, но битно е да знаеме дали евентуално би откриле асимптоматски носители на вирусот кај децата – рече Филипче.

Со скринингот треба да се опфатат околу 8 200 деца, кои ќе се тестираат по случаен избор, за што ќе се бара и писмено одобрение од родителите.

Во однос на дополнителната препорака и мерка за влез во затворени објекти само на лица со две примени дози вакцина, Филипче најави дека ќе се дискутира на следниот Централен штаб во Владата што треба да се одржи наредниот понеделник согласно препораките на Комисијата за заразни болести.

Филипче не очекува во следниот период да има силен бран на ковид-19, но додава дека состојбата постојано се следи и ќе се преземаат мерки согласно нејзиниот развој. Засега не се размислува за воведување задолжителна вакцинација.

– Не очекуваме силен бран, односно притисок во болниците, но сме спремни да се прифатат пациентите во кој било град. Сега на територијата на целата земја во пораст е опфатот со вакцинација. Сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни и треба да ја следиме состојбата. Очигледно дека вакцинацијата го прави своето. Дека има ефект од овој процес е докажано и беше докажано сега во овие градови во кои болниците воопшто не се преоптоварија. И доколку се заразат вакцинирани лица тоа ќе биде со полесна форма на болеста и тоа е нешто што се следи и во другите земји каде е прилично висок опфатот со вакцинација – рече министерот за здравство.

Поврзани содржини