СО БОКСИРАЧ И НАВРЕДЛИВ ТРАНСПАРЕНТ ТРГНАЛ КОН МАКЕДОНИЈА Полицијата приведе Бугарин, го протера на една година
При гранична контрола во возилото на 47-годишен бугарски државјанин биле откриени метален боксирач и транспарент со навредлива порака.
Бугарски државјанин е приведен на граничниот премин Деве Баир откако при влез во земјава кај него биле пронајдени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Инцидентот се случил вчера попладне околу 13:30 часот, кога полицијата, во соработка со царинските служби, извршила контрола на патничко возило „хонда џез“ со бугарски регистарски таблички. Возилото го управувал 47-годишниот Н.И.Л. од Бугарија.
При деталниот преглед, службениците го откриле металниот боксирач и транспарентот со навредлива порака, по што мажот веднаш бил лишен од слобода.
По брза постапка пред Основниот суд во Крива Паланка, на бугарскиот државјанин му била изречена парична казна, како и мерка протерување од државата во траење од една година.
Неколку часа подоцна, во текот на ноќта, тој бил спроведен назад на граничниот премин Деве Баир и предаден на бугарските гранични полициски служби.