СО БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ ДО ПОГОЛЕМА ДОВЕРБА ВО ОНЛАЈН КУПУВАЊЕТО Асоцијацијата за е-трговија ќе им даде бесплатен беџ на 10 интернет продавници

Од АЕТСМ информираат дека јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои веќе ги продаваат своите производи или услуги онлајн, со цел да добијат можност да покажат пред јавноста дека нивната онлајн продавница е безбедна и да се придужат на заедницата од над 70 верификувани е-трговци.

136

Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ) објави јавен повик за бесплатни верификации за стекнување со симболот на доверба во е-трговијата – Беџ за верификуван е-трговец, во рамки на кампањата  „Градиме доверба во онлајн купувањето”. Е-продавниците кои сакаат да аплицираат за бесплатна верификација треба да ја пополнат кратката онлајн апликација, најдоцна до среда, 25 септември.

Од АЕТСМ информираат дека јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои веќе ги продаваат своите производи или услуги онлајн, со цел да добијат можност да покажат пред јавноста дека нивната онлајн продавница е безбедна и да се придужат на заедницата од над 70 верификувани е-трговци.






„Беџот за верификуван е-трговец е визуелна ознака која се поставува на домашните е-продавници и која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект, проверен од АЕТСМ. Беџот се поставува само кај е-трговците кои се дел од Регистарот на регистрирани е-трговци во нашата земја и кои самостојно ќе аплицираат и ќе ги поминат соодветните проверки од АЕТСМ за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата“ соопшти  Асоцијацијата.

Целта на овој повик е да се зголеми довербата во онлајн купувањето во Македонија, да се намали нелојалната конкуренција на бизнисите во е-трговијата и едукативно да се влијае врз онлајн купувачите, за да се намали сивата економија.

Критериуми за учество се апликантите да  бидат регистрирани правни субјекти и да се микро, мало или средно претпријатие, да ги продаваат своите производи и/или услуги онлајн, да имаат комплетно пополнета апликација и да не биле поддржани во претходен јавен повик од АЕТМ.

Овој јавен повик се реализира со поддршка на компанијата Виса, која втора година по ред преку реализирање на иницијативи влијае на зголемување на понудата во е-трговијата и на намалување на сивата економија во е-трговијата.

Асоцијацијата за е-трговија оваа година ја промовираше својата нова онлајн платформа ecommerce.mk/badge со цел да го направи онлајн купувањето побезбедно и подоверливо за секого, како и да придонесе во континуираната борба за намалување на сивата економија и сомнителните практики на нерегистрираните продавачи во е-трговијата. Преку платформата е овозможен едноставен и автоматизиран начин за аплицирање, управување и реобнова на Беџот за верификуван е-трговец, како и преглед на сите верификувани е-трговци и индивидуални профили на секој од нив.

Поврзани содржини