СО АВСТРИСКИОТ АМБАСАДОР ЌЕ СЕ ВИДИМЕ НА СУД! Реакција на Заев на објавата на амбасадата за проблемите со фирмата на неговиот зет
Нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име – вели поранешниот премиер.
Поранешниот премиер Зоран Заев се закани дека ќе го тужи амбасадорот на Австрија во земјава Георг Вуцас, за изнесените наводи во отвореното писмо до јавноста во врска со судски спор меѓу австриска фирма и фирма од Валандово во сопственост на негов зет за братучетка, како што се наведува.
Во изјавата што ја објави Независен.мк Заев, како што вели целосно се оградува од било каква инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите.
– Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот. Нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ќе го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија – се вели во реакцијата на Заев.