СО 2% ДОВЕРБА БАРААТ ПЛАТИ МЕЃУ НАЈВИСОКИТЕ ВО РЕГИОНОТ И ПОШИРОКО Претседател на суд, според новите предлози, би земал 360.000 денари
Со последните барања на судиите и обвинителите и нивните здруженија, тие бараат двојно зголемување на платите, со што еден судија би земал околу 160.000 денари плата или пак претседател на некој суд во Македонија би земал 360.000 денари плата, што е над сите примања кои ги добиваат судиите во Европа.
Со новите барања на судиите судија би земал 160.000 денари, додека претседател на суд 360.000 денари, реагира Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски вели дека судството со едвај 2 проценти доверба бараат да биде едни од најплатените во регионот.
„Правосудството наместо да работи за граѓаните и во нивен интерес да ја носи правдата без целиот процес да трае со години, тие со едвај 2 проценти доверба бараат двојно зголемување на платите. Иако македонските правосудни органи, судии и обвинители се едни од најплатените во регионот и Европа, на нив тоа не им е доволно, па бараат да имаат едни од најголемите плати во Европа.
Кога говориме со факти и бројки, добро е јавноста да ги знае следните информации.
Македонските правосудни органи добиваат од 2,3 до 3,2 просечни плати или во превод, нешто над 100.000 денари па се до над 144.000 денари или во евра од 1700 до 2360. Додека пак претседател на суд во Македонија зема околу 180.000 денари или 3.000 евра. И овие плати ги добиваат со нешто помалку од 2% доверба од народот.
Е сега за споредба, нашите соседи од Србија земаат 2,3 просечни плати, или во превод близу 120.000 денари, или околу 2.000 евра, но со 20% доверба од граѓаните. Исто така, со 20% доверба во судството се и граѓаните на Хрватска, земја членка на ЕУ, таму нивните правосудни органи земаат близу нашите претседатели на судови, односно 3.350 евра. Словенија, земја со 41% на доверба во судството, платите на судиите се движат од почеток на кариерата од 107.000 денари или околу 1740 евра, додека пак на крајот на кариерата или на врвот на кариерата, достигнуваат до нешто над 4000 евра. Секако, да не ја заборавиме и една од најразвиените држави, Германија, каде што судиите земаат околу 3.300 евра плата или околу 200.000 денари, со притоа доверба од 58% од граѓаните.
Со последните барања на судиите и обвинителите и нивните здруженија, тие бараат двојно зголемување на платите, со што еден судија би земал околу 160.000 денари плата или пак претседател на некој суд во Македонија би земал 360.000 денари плата, што е над сите примања кои ги добиваат судиите во Европа. Или во превод претседател на суд во Македонија би земал 8 просечни плати, а судија или обвинител би земал околу 3,5 просечни плати. И сето ова почитувани граѓани со само 2% доверба од народот.
Повикуваме на разумност и работа од страна на правосудните органи“, вели Манасиевски на партиска прес-конференција.