СО 10 ГЛАСА „ЗА“ И НИТУ ЕДЕН ГЛАС „ПРОТИВ“ Договорот со Велика Британија помина во Комисијата за надворешни работи

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот договор ќе овозможи економски развој на државата затоа што на располагање се ставаат 5 милијарди фунти што е голема инјекција за економијата, а спроведувањето ќе биде контролирано. 

247

Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти доби зелено светло од собраниската Комисија за надворешна политика по што денеска се очекува да се најде на дневен ред на 52. пленарна седница.

Предлог-законот беше поддржан со 10 гласа „за“ и ниту еден глас „против“.






Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот договор ќе овозможи економски развој на државата затоа што на располагање се ставаат 5 милијарди фунти што е голема инјекција за економијата, а спроведувањето ќе биде контролирано.

– Имаме можност да допреме до 5 милијарди фунти што е голем придонес во однос на состојбата што ја затекнавме. Не треба да бидеме скептични. Ова ќе придонесе за економскиот развој на државата. Ова е многу голема инјекција и ветува развој. Има многу можности и ќе има контрола, што секако е добро. Убедена сум дека македонската страна ќе направи сѐ, оваа британска поддршка да се реализира и ќе се следи работата. Ова не се приватни зделки и лични интереси – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.

Забелешката на опозицијата е дека не се работи за договор, туку за меморандум за соработка во кој се изразуваат намери на соработка.

– Содржината е коректна од аспект на меморандум, но формата меморандум да се прикаже како договор прави преседан во одлуките што ги носи Собранието и во иднина може да предизвика вакви меморадуми да бидат претставувани како договори – рече Димитар Ковачевски од СДСМ.

Целта на Договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфратсруктурни проекти во транспортот, здравството, енергетиката и други критични сектори во земјава.

Договорот беше потпишан на 22 мај во Лондон, а претходно помина на владина седница на 20 мај.

Потпишувањето на документот следуваше по постигнатиот договор за стратешко партнество со Обединетото кралство меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стамер.

Од Владата најавија дека договорот ќе биде јавно достапен и дека сѐ ќе биде транспарентно.

Поврзани содржини