Со 1,7 милијарда евра ЕУ социјално и економски ќе го спасува Западен Балкан
Ова е дел од пакетот со финансиска поддршка за регионот вреден 3,3 милијарди евра што беше објавен на 29 април од Европската комисија.
Групата на Европската инвестициска банка ќе го поддржи социјалното и економското закрепнување на Западен Балкан од пандемијата на ковид-19 со 1,7 милијарди евра. Тоа, како што наведуваат во соопштение, е дел од пакетот со финансиска поддршка за регионот вреден 3,3 милијарди евра што беше објавен на 29 април од Европската комисија, а ги следи напорите на „Тимот Европа“ за поддршка на Западен Балкан.
Директни корисници на пакетот со поддршка од ЕУ ќе бидат националните здравствени сектори и малите и средните претпријатија што, исто така, има цел зајакнување на националните банкарски сектори и обезбедување техничка поддршка за реализирање развојни проекти и стимулирање на многу потребните инвестиции.
„Заради ублажување на здравствените, социјалните и на економските последици од пандемијата, ЕИБ ќе обезбеди нови финансиски средства и ќе ги забрза потпишувањето и распределбата на одобрените кредити за клиентите од приватниот и од јавниот сектор од Западен Балкан, при што околу 600 милиони евра се наменети за приватниот сектор“, наведуваат во соопштението.
– Наспроти огромните предизвици што се создадени од кризата со Ковид-19 во рамките на самата ЕУ, Унијата ја покажа својата непоколеблива поддршка за нејзините партнерски земји и својата посветеност на меѓународната соработка и координација. На огромните потреби во регионот може да се одговори само со тимска активност и ЕИБ се радува да даде свој придонес во Инвестициската рамка за Западен Балкан и во претстојниот Економски и инвестициски план за закрепнување – изјави Вернер Хојер, претседател на ЕИБ.
Оливер Вархеј, комесар на ЕУ за соседство и проширување оценува дека државите од Западен Балкан во одговорот на пандемијата на ковид -19 се третираат како привилигирени партнери и идни земји членки.
– Заедно со ЕИБ сме ангажирани во испораката на важен финансиски пакет за поддршка на директните потреби и на економското закрепнување и сега сме сериозно фокусирани на забрзаното користење на овие средства во целиот регион. Брзата испорака е клучна и сите сме посветени на тоа. Нашата работа ќе продолжи додека се подготвуваме за сеопфатен економски и инвестициски план што ќе му помогне на Западен Балкан со долгорочно закрепнување, ќе обезбеди поттик за економиите и ќе ги поддржи реформите кога и ако тоа е потребно – истакна Вархеј.
Сетот мерки на ЕИБ за итни ситуации за Западен Балкан опфаќа: одобрување нови наменски финансиски средства со пофлексибилни услови и проширена квалификуваност, за поддршка на здравствениот сектор и на малите и на средните претпријатија и претпријатијата со средна пазарна капитализација што се погодени од пандемијата, забрзување на распределбата и на потпишувањето на постојните трансакции, пренасочување на постојните инструменти за поддршка на здравствениот и на приватниот сектор, зголемување на достапните финансиски средства од ЕИБ во рамки на „Ковид Топ-ап“ и проширена квалификуваност за проекти од здравствената и од цивилната заштита што ги промовира јавниот сектор во согласност со неговата утврдена национална стратегија за подготвеност за пандемија и за итни ситуации.
Покрај овој пакет на директна поддршка, ЕИБ продолжува со подготовка на портфолио на проекти, кое во моментов се проценува на 2,3 милијарди евра, за поддршка на долгорочен одржлив развој на регионот врз основа на неговиот капацитет да понуди достапни, долгорочни финансиски средства и техничка помош за Западен Балкан.
Од ЕИБ во соопштеието наведуваат дека малите и средните претпријатија се клучни за економски развој, иновации, социјална интеграција и за отворање нови работни места и вработување меоѓу 60 и 80 отст од активното население од Западен Балкан.
-ЕИБ ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат регионалните МСП како последица од пандемијата на ковид-19. Групата ќе го зголеми финансирањето низ целиот свој спектар на производи и услуги што ќе им бидат достапни на МСП (кредити, гаранции и советодавни услуги). Цел е да се одговори на директните предизвици со кои се соочуваат МСП, како и да се одржи нивната способност за преземање идни инвестиции и закрепнување од сегашната криза. Дел од оваа поддршка ќе биде обезбеден со инструментот Фонд за развој на претпријатија и иновации за Западен Балкан (ЕДИФ), поддржан од ЕУ – велат од ЕИБ.