Сноуден бара руско државјанство, ама сака да си остане и Американец
Во август годинава американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе ја разгледа можноста Сноуден, кому му се заканува 30-годишна затворска казна за шпионажа, да биде помилуван.
Поранешниот соработник на Американската агенција за национална безбедност (НСА) Едвард Сноуден, кого го бара Вашингтон и кому му се заканува 30-годишна затворска казна за шпионажа, изјави денеска дека поднел барање за руско државјанство, јавуваат светските медиуми.
Сноуден се наоѓа во Русија од 2013 година. Тој прво доби азил за една година, а потоа доби дозвола за престој на три години, што беше продолжено во 2017 година. Сега престојот на Сноуден е продолжен на неодредено време, благодарејќи на неодамнешните измени во рускиот закон за имиграција.
Триесет и седумгодишниот Сноуден преку Твитер објасни дека побарал да го задржи државјанството на САД.
Барањето за руско државјанство дојде неколку дена откако неговата партнерка Линдзи Милс објави дека е бремена. Сноуден на Твитер напиша дека тој и неговата сопруга сакаат да останат Американци и да го одгледуваат својот син во „хармонија со сите американски вредности што ги сакаат, вклучително и слободата на изразување“.
Поранешиот соработник на НСА се соочува со обвиненија за шпионажа во САД, затоа што открил глобална програма за прислушување и надзор спроведена од НСА во САД и ширум светот. Во август годинава американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе ја разгледа можноста Сноуден да биде помилуван.