СНИМКИ ОД ГИНЕКОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ И ОД ДЕПИЛАЦИИ ЗАВРШИЛЕ НА ПОРНО-САЈТОВИ!? Скандал со нелегално снимање ја тресе бугарската јавност

Претходно повеќе жени од Бургас пријавија дека нивни интимни видеа, снимени во салони за депилација без нивно знаење и согласност, се појавиле на Телеграм канали, а подоцна и на платени порнографски платформи.

1,715

Скандалот со нелегално снимање на интимни прегледи во Бугарија доби нова, сериозна димензија откако Министерството за здравство нареди итна инспекција во медицински центар во Софија, каде што камера снимила гинеколошки прегледи на десетици жени. Случајот ја вознемири јавноста и повторно го отвори прашањето за заштитата на приватноста на пациентите во здравствените установи.

Камерата била поставена во аголот на лекарска ординација во филијала на медицински центар во населбата „Гео Милев“ во бугарската престолнина. Според објавите на телевизијата бТВ, уредот ги снимал прегледите во периодот 2024–2025 година, а полицијата пристигнала на увид околу 19 часот завчера, откако некои од снимките биле објавени на социјалните мрежи.






Од медицинскиот центар не негираа дека во ординацијата постои камера. Лекарот Венелин Иванов изјави дека станува збор за безбедносна камера која, според него, не снимала во текот на работното време и била инсталирана од лиценцирана компанија поради скапата медицинска опрема. Тој наведе дека за видео надзорот имало и поставени соодветни ознаки.

– Како се случило и зошто се случило – не знам. За снимките дознавме од медиумите. Камерата ќе биде демонтирана за безбедноста на пациентите, а кој ги поставил видеата е прашање за истрагата – изјави Иванов за бТВ, додавајќи дека уредот не бил инсталиран по негова лична иницијатива.

Адвокатката специјализирана за медицинско право, Марија Петрова, предупреди дека присуството на знак за видео надзор не ја прави инсталацијата на камерата законска, особено кога станува збор за простории каде се извршуваат интимни медицински прегледи. Таа оцени дека обвинителството треба самостојно да отвори истрага за можно кривично дело.

По избувнувањето на скандалот, министерката за здравство Силви Кирилов му наложи на Регионалниот здравствен инспекторат во Софија итно да го испита случајот. За време на контролата, инспекторите утврдиле присуство на камера во ординацијата, составиле записник и најавија дека целокупната документација ќе биде доставена до надлежните институции.

Случајот во Софија се надоврза на уште еден сериозен скандал, кој избувна во јануари 2026 година во Бургас. Тогаш, повеќе жени пријавија дека нивни интимни видеа, снимени без знаење и согласност, се појавиле на Телеграм канали, а подоцна и на платени порнографски платформи.

Жртвите од Бургас тврдат дека биле снимани во салони за ласерска депилација, каде што клиентите се целосно или делумно голи за време на третманите. Двата случаи отворија сериозни сомнежи за системски пропусти во контролата и заштитата на личните податоци и интимноста на граѓаните во Бугарија, додека јавноста очекува брзи и јасни одговори од институциите.

Поврзани содржини