🎥 СНИМКА ОД ПОПЛАВЕНОТО КИЧЕВО Отворена е сметка за донации преку Црвениот крст

Речното корито се излева како последица на тоа што не е чистено со години и тоа веќе не смее да се одложува. Што се однесува до инфраструктурниот проблем во регионот кај улицата Прилепска, веднаш штом ќе се создадат услови за безбедна работа, ангажирана механизација ќе пристапи за чистење на речното корито и изработка на насип, најави градоначалникот Јовановски.

834

Под будно око се следи состојбата со поплавата во Кичево, додека сите релевантни субјекти и општествено одговорни фирми се активни и на терен. Доставувањето на храна се одвива непречено и исклучиво преку Општина Кичево, во координација со Црвениот Крст – Кичево, соопшти градоначалникот Александар Јовановски, кој објави видео снимка од поплавата.

Тој апелира за смиреност, солидарност и одговорност, бидејќи во овој момент, како што вели, најважно е здравјето на луѓето.






– Веднаш штом ќе се создадат услови, ќе дејствуваме со конкретни мерки, за ваквите појави бидат доведени на минимум – рече тој.

Жителите кои се засегнати од поплавите се времено сместени во спортската сала, која располага со соодветно греење.

Во соработка со Црвениот крст е обезбеден дел од потребната помош, а храна се обезбедува преку општинската народна кујна и преку Црковната кујна со средства на Општината и во соработка на Црвениот крст.

– Донесовме одлука да се врши редовна дезинфекција, со цел да се спречи потенцијална опасност од ширење зарази. Во таа насока ќе бидат ангажирани и хигиеничарки за одржување на хигиената и чистотата. Сите служби се активно вклучени, ТППЕ Кичево, ЈКП Комуналец и сите субјекти. На наше барање ЈЗУ Општа Болница – Кичево, два пати дневно ќе доаѓаат медицински тимови кои ќе вршат здравствени прегледи на сместените жители. Наш приоритет во овој момент е зачувување на здравјето, редот и безбедноста на сите граѓани – рече градоначалникот.

Тој нагласи дека станува збор за долгогодишен проблем, односно речното корито се излева како последица на тоа што не е чистено со години и тоа веќе не смее да се одложува.

– Што се однесува до инфраструктурниот проблем во регионот кај улицата Прилепска, веднаш штом ќе се создадат услови за безбедна работа, ангажирана механизација ќе пристапи за чистење на речното корито и изработка на насип. Паралелно со тоа, ќе се пристапи кон трајно решавање на проблемот и обезбедување соодветни услови за сместување. Веднаш откако ја презедов градоначалничката функција започнавме изработка на комплетен проект за уредување на речното корито, со цел вакви ситуации да не се повторуваат во иднина – додаде Јовановски.

Кризниот штаб ќе формира комисија за проценка на штети, откако ќе се повлече нивото на водата и ќе може безбедно да се пристапи на терен.

Црвениот крст има отворена сметка која функционира преку целата година и се повикуваат сите кои сакаат да донираат, тоа да го сторат преку оваа сметка: 300000001327966, примател: Црвен крст на РСМ – Фонд на солидарност, Даночен број: 4030984271620, Банка: АД Комерцијална банка, Назнака за уплата: Помош за настраданите граѓани од поплавата во Кичево.

Од Скопје се очекува да пристигне поголема количина дополнителна опрема, душеци и кревети, за кои се очекува да бидат доволни за потребите.

Според информациите на Центарот за управување со кризи, во Кичево и во околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. ЈКП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода.

Поврзани содржини