СНИМКА ГИ ПОКАЖА ДВЕТЕ ВОЗИЛА КАКО ОДАТ КОН ВИЗБЕГОВО, А СЕ ВРАЌА САМО „РЕНОТО“ Обвинителката тврди дека Палчо возел, а Манев бил совозач кога се враќале со „кангуто“ преку Чаир
На снимките се забележува дека во „цитроенот“ има три лица, додека во „реното кангу“ има само едно лице, утрото на 27 ноември 2023 година кога двете возила се движат кон Визбегово. По убиството двете возила одат на местото каде што е запален „цитроенот“, по што само „реното“ се враќа назад.
Во нова серија видео снимки обвинителките денеска покажаа како по грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска „цитроенот“ тргнал кон Момин Поток, каде се споил со „рено кангу“, кое цело време возело напред, а „цитроенот“ возел по него.
Од камери во објекти во Визбегово се гледаат двете возила. Напред оди „реното“, зад него „цитроенот“. По убиството двете возила одат на местото каде што е запален „цитроенот“, по што само „реното“ се враќа назад.
На видео од приватна куќа во Горно Оризари во 9.36 часот се гледа црн густ чад од местото каде е запален „цитроенот“, а во 9.39 часот се гледа како „реното“ се враќа.
На денешното рочиште се презентираа видео снимки и од системот „Сејф сити“, за движењето на „цитроенот“ со кој била грабната 14-годишната Вања Ѓорчевска, од улицата Наум Наумовски Борче кон Партизанска, на 27 ноември 2023 година.
– Во 7.33 се забележува „цитроенот“ по Партизансска од каде врти десно кон Рузвелтова. На истиот запис се забележува регистрацијата VE 2931 AD, од возилото на оштетениот Панче Жежовски. На второ видео се гледа како возилото се движи по Рузвелтова кон Илинденска. На трето видео е на раскрсницата кај „МИДА“, односно на Илинденска со 8 Септември. Во 7.37 часот се забележува како „цитроенот“ навлегува од десно и застанува на семафорите во третата десна лента. Во 7.39 часот возилото продолжува право по булеварот 8 Септември, кон Момин Поток. Се забележува дека има совозач, и на задното седиште има едно лице – рече обвинителката.
На друга снимка се виде истата раскрсница од друг агол. Во 7.39 часот се гледа како поминува „цитроенот“ и се движи право, по булеварот 8 Септември кон Момин Поток.
На следните две видеа кај мостот кај хотелот „Александар Палас“ во 7.42 часот се забележува возилото „цитроен“ како се движи право, до кружниот тек.
Се презентираа видео снимки од камери и од Визбегово.
– Наредниве видео записи се прибавени од комерцијални објекти во Визбегово. Тоа се објекти лоцирани на патот од Визбегово кон Горно Оризари и на нив се забележуваат движењата на двете предметни возила од настаните „рено кангу“ и „цитроен“, на 27.11.2023 година. Во „рено кангу“ има едно лице, а во „цитроенот“ има три лица. Во 7.49 часот на камера од автоплац се гледа движењето на „рено кангу“, реалното време е 7.55 часот. Пет секунди по него поминува „цитроенот“. На друга камера од објект за стари возила, во 7.55 се гледа „рено кангу“, по него поминува „цитроенот“. На трета камера во 7.56 часот се забележуваат двете возила, кои се движат во насока кон Горно Оризари. На четврта снимка, на која нема време, но е прибавена за ден 27.11.2023, се забележува темен густ чад како се издига од местото кадешто е запален „цитроенот“ – рече обвинителката Жаклина Јосифовска Крстевска.
На снимка од приватна куќа од селото Горно Оризари во 7.59 часот се гледаат двете возила, а во 9.39 часот се враќа само „реното“. Куќата се наоѓа на патот што води кон селото Бразда.
– Сега ќе гледаме видео од двете возила по извршувањето на убиството на Вања, се движат во насока на местото каде е запален „цитроенот“. Локацијата на пречистителната станица од која е прибавен видео записот е во селото Бразда, за ден 27.11.2023 година. Времето од видеото е за 1 час и 7 минути понапред од реалното време. На видеото во 9.08 часот се гледа како поминува „рено кангу“, а по 11 секунди се забележува како поминува и „цитроенот“, кој го следи „кангуто“. Во 9.21 часот се забележува како поминува „рено кангу“, „цитроенот“ не се враќа назад – рече обвинителката.
Потоа се презентираа снимки од „Сејф сити“ од движењето на „рено кангу“ на 27.11.2023 по извршувањето на кривичното дело, во времето од 9.48 часот од Чаир кон седиштето на Десна.
– На раскрсницата меѓу Христијан Тодоровски Карпош со улицата Ферид Бајрам во 9.48 часот се забележува „реното“ како се движи по Христијан Тодоровски Карпош во насока од Чаир кон Бит-пазар. Во него има две лица. На второ видео на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во 9.50 часот се забележува како „рено кангу“ (SK 403 UI) се движи од Чаир кон Бит-пазар, со две лица. Може да се види дека возилото го управува лицето Љупчо Палевски, а на совозачкото седиште седи Велибор Манев во џемпер – рече обвинитеката.
Приговор даде адвокатот на Палевски, Марјан Витанов, кој рече дека воопшто не се гледа лицето на Љупчо Палевски.
На друго видео, од раскрсницата Христијан Тодоровски Карпош со Џон Кенеди, во 9.51 часот се гледа како поминува „рено кангу“ и продолжува по Цветан Димов, кон Центар.
– На следно видео се гледа „рено кангу“ од раскрницата Христијан Тодоровски Карпош со Џон Кенеди, а во 9.51 поминува продолжува по Цветан Димов кон Центар. Во 9.53 часот се забележува на улицата Цветан Димов, во 9.58 на улицата Крсте Мисирков и врти кон „Веро џамбо“. На видео во 10 часот „реното“ се исклучува и свртува кон седиштето на партијата Десна, од каде во утринските часови го започна движењето – рече обвинителката.
Се презентираа и две видеа од „Сејф сити“ од движење на „мицубуши“со ознаки SK514 SK, сопственост на Александар Ѓорчевски.
– Локацијата на овој запис е булеварот 8 Септември каде во 9.14 часот се забележува возилото кое се движи во насока Момин Поток. Вториот запис се однесува на движење на истото возило, кое во 14.28 часот поминува на раскрсницата од Сарај кон Ѓорче Петров.