Комуналната и зимска служба на општина Карпош работи на расчистување на новопаднатиот снег пред пофреквентните места како што се градинките, основните училишта, пешачките зони и сервисните улици, соопштија од Општина Карпош.
„Општинските хигиеничари ги расчистуваат и паднатите гранки и дрвја, кои се забележуваат во повеќе населби низ Карпош. Паралелно се расчистува во повеќе урбани заедници за да се овозможи нормално и безбедно движење на граѓаните. Во текот на вчерашниот ден, во вечерните часови, на повисоките места како Жданец, Трнодол и долж улицата „Ловќенска“ (Козле) беше истурена сол за да се олесни сообраќајот и движењето на жителите. Ги повикуваме сите граѓани на зголемена внимателност при движењето и на одговорно однесување во сообраќајот“, наведено е во соопштението.