СНЕГ НА ПРЕВОИТЕ, ПАТИШТАТА ОТВОРЕНИ Николоски уверува дека екипите на „Македонијапат“ се подготвени
Вицепремиерот и министер за транспорт изврши увид во работата на „Македонија пат“ и упати апел до возачите да ја прилагодат брзината и да користат зимска опрема.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска изврши увид во работните активности на ЈП „Македонија пат“, во рамки на подготовките и справувањето со снежните наноси кои се очекуваат во наредниот период. Тој ги посети пунктовите на јавното претпријатие на планинските превои Стража и Пресека.
Николоски изјави дека сите државни патишта се проодни, нагласувајќи дека тоа е резултат на континуираната и пожртвувана работа на екипите на „Македонија пат“, кои секојдневно се на терен и се справуваат со обилните снежни врнежи.
– Денеска сум на терен и можам да потврдам дека состојбата е добра и дека сите патишта во државата се проодни. Сакам да им се заблагодарам на овие луѓе од „Македонија пат“ кои навистина даваат сè од себе за патиштата да бидат чисти и безбедни. Денеска сум на Стража, претходно бев на Пресека, а увидот ќе продолжи и на други локации – изјави Николоски.
Тој упати благодарност до сите вработени во јавното претпријатие, но и апел до граѓаните кои планираат патување да возат внимателно и да ги почитуваат сообраќајните прописи.
– Ги замолувам сите учесници во сообраќајот да користат задолжителна зимска опрема, зимски гуми, а каде што е потребно и ланци, и да ја прилагодат брзината на условите на патот. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ патиштата да останат проодни и ова невреме да се почувствува минимално – апелираше вицепремиерот Николоски.