СНАБДУВАЊЕТО СО ГОРИВО Е СТАБИЛНО Окта ги намали цените за трговците со гориво

Министерката за енергетика информира дека трговците со гориво имаат доволни количини гориво на залиха.

106

Во услови кога цените на нафтата растат на светските пазари и целиот регион и свет се соочува со ценовен притисок снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно, компаниите располагаат со обезбедени залихи, дополнително снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот „Вардакс“, а Владата внимателно ја следи состојбата, изјави денеска министерката за  енергетика Сања Божиновска на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на „Окта“ АД – Скопје, Димитрис Пасхос.

Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, додаде таа, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање за да го заштитиме стандардот на граѓаните.






-Денес може да најавиме дека компаниите излегоа во пресрет да се ублажат последиците од глобалната состојба со нафтените деривати, при што компанијата „Окта“ донесе одлука, почнувајќи од денеска до крајот на март да обезбеди попуст од 2,4 денари на килограм, или два денари по литар за дизел и бензините за трговците кои набавуваат горива од компанијата. Овој потег доаѓа по зголемените количини гориво, кои се обезбедени преку продуктоводот „Вардакс“ и дополнително го зајакнува снабдувањето на нашата држава – рече Божиновска.

Главнот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос рече дека  поспистот ќе трае до крајот на месецот.

-Како општествено одговорен снабдувач со енергија, ОКТА почнувајќи од денеска, па сè до крајот на месец март, воведува попуст од 2 денари по литар за дизел и бензини, за трговците на големо и мало кои набавуваат горива од ОКТА, со што им се овозможува оваа придобивка да ја пренесат кон крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало остануваат целосно слободни самостојно да ги утврдуваат своите продажни цени. Оваа иницијатива ја одразува долгогодишната посветеност на ОКТА да го поддржува пазарот, домаќинствата и бизнисите во периоди на зголемени предизвици – рече Пасхос.

Министерката Божиновска нагласи дека очекува од малоподажните трговци да ја формираат и својата цена согласно попустот, со што олеснување ќе почуствуваат и граѓаните.

Таа потенцираше дека државата сериозно ја следи состојбата на пазарот. Минатата недела во Владата се одржа координациски состанок со премиерот и со компаниите од секторот, на кој беше констатирано дека компаниите располагаат со обезбедени залихи и стабилен увоз на горива, што значи дека во овој момент снабдувањето на домашниот пазар е стабилно.

 

Поврзани содржини