Еден сметководител од Куманово е потврдено дека е заразен со ковид-19 , а за уште тројца нема точна потврда дека се заболени, информираат од Институтот на сметководители и овластени сметководители.
– За еден сметководител од Куманово имаме допис дека е заболен со ковид -19, а за уште двајца сметководители од истиот град имаме информација дека се заразени, но немаме официјална потврда. Информирани сме и дека еден сметководител од Скопје е заразен со вирусот, но и за него немаме потврда – изјави за Плусинфо, претседателката на Институтот, Ленче Папазовска.
Институтот на сметководители и овластени сметководители веќе испрати допис до Министерството за финансии и до Владата да преземат соодветни мерки за заштита на сметководителите.
Едно од нивните барања до Владата е да се одложи поднесувањето на финансиските извештаи за да не се изложуваат сметководителите на опасности.
„Ве молиме како претставници на МФ и Владата на РМ што е можно најитно, да ги разгледаме актуелните состојби во кои се наоѓаат сметководителите и овластените сметководители и да го поддржите Институтот солидарно заедно со институциите на државата им помогнеме на нашите членови. Од причина што нашиот Закон за вршење сметководствени работи и Статутот не ја регулираат особено работата во ваква вонредна состојба, а и како дејност не сме опфатени во мерките кои се донесени од владата“, се вели во дописот.
Институтот на сметководители и овластени сметководители има 11.014 членови, како и 2.158 субјекти за вршење на сметководствени работи во кои се вработени 3.513 сметководители и овластени сметководители.