СМЕНА НА ВРВОТ Илон Маск повторно е најбогатиот човек на светот
Богатството на Илон Маск сега е проценето на 192 милијарди долари, а извршниот директор на LVMH, Бернард Арно, падна на второто место со 187 милијарди долари
Илон Маск си ја поврати позицијата на најбогат човек на светот. Нето вредноста на извршниот директор на Тесла, сега е околу 192 милијарди долари, во споредба со 187 милијарди долари на извршниот директор на LVMH, Бернард Арно, според податоците на Bloomberg Billionaires.
Двајцата центи-милијардери, термин кој се користи за луѓе со богатство од повеќе од 100 милијарди долари, во изминатите месеци се менуваат на врвот на листата на најбогатите луѓе во светот.
Оваа недела, богатството на Арно падна, откако во средата паднаа акциите на LVMH, според податоците на Блумберг.
Арно го престигна Маск во декември кога неговото богатство се зголеми како резултат на бумот на луксузни стоки што помогна да се зголеми цената на акцијата на LVMH. LVMH, еден од најголемите светски конгломерати, е дом на брендови како Louis Vuitton, Dior и Celine.
Маск во последните години уживаше во големиот напредок на светските листи на богаташи бидејќи неговото богатство е директно поврзано со она на Тесла, производителот на електрични автомобили. Неговиот најголем имот се акциите на компанијата, од кои тој поседува околу 13 отсто, наведува Блумберг.
Покрај челната позиција во Тесла, Маск е и извршен директор на SpaceX, компанија за истражување на вселената и сопственик на социјалната мрежа Твитер.
Оваа година акциите на LVMH пораснаа за 19,7 отсто, додека на Tesla за 65,6 отсто.