СЛУЖБЕНИКОТ КОЈ ГО НАПРАВИ ИЗВОДОТ ЌЕ БИДЕ САНКЦИОНИРАН Матичната служба му се извини на Стевче Јакимовски
Утврден е пропуст сторен од страна на административен службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје и истиот во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници, велат од Управа за водење на матични книги на Фејсбук и му се извинуваат на Јакимовски за, како што велат, немилиот настан.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевче Јакимовски доби извинување од Управата за водење на матичните книги за згрешениот извод на неговиот син и снаа кои наместо извод од книгата на венчани добиле извод од книгата на умрени:
„Во врска со настанатата несакана грешка на издаден погрешен образец од матична книга на венчаните, искажана преку јавно информирање од страна на градоначалникот на Општина Карпош г-дин Стевчо Јакимовски, известуваме дека направен е увид во целокупното постапување по предметното барање за издавање на извод на интернационален образец од матична книга на венчаните. Утврден е пропуст сторен од страна на административен службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје и истиот во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници“, велат од Управа за водење на матични книги на Фејсбук.
Претходно на прес конференција Јакимовски обвини дека неговиот син и снаа сега ќе се сеќаваат на немилиот настан секоја годишнина од бракот.
– Овие млади луѓе се во шок, можете да замислите секоја годишнина од бракот на што ќе ги потсеќа. Потпишана е Дијана Антониевиќ, веројатно кадар на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не е Албанка не може да е на ДУИ – рече тој.