СЛУЖБЕНИЦИТЕ БАРААТ ПОКАЧУВАЊЕ ОД ПО 6.000 ДЕНАРИ Протестите ќе продолжат до петок

Протестите од 30 минути ќе продолжат до петок кога протeстот ќе се префрли пред Министерството за финансии и ќе се протестира еден час од 11 до 12 часот.

552

Со прекин на работа од 30 минути вработените во неколку министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив го почнаа најавениот протест за остварување на правото за додаток на плата кој го бараат повеќе од 4 години.

Во протестот се вклучени вработените во министерствата: за животна средина, дигитална трансформација, земјоделство и шумарство, правда, култура и туризам, економија и труд и во Министерството за транспорт, како и во Државниот завод за статистика и Државниот архив.






Претседателот на синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски апелираше Владата на денешната седница да расправа за можноста за обезбедување пари од буџетот со што, како што рече ќе го реши овој повеќегодишен проблем на вработените во администрацијата поради неисплатен додаток на плата.

– Нашата намера е да не се наштети буџетот, туку заедно преку дијалог со Владата да се најдат пари за исплата на додатокот и потпишување на колективните договори во рамки на државниот буџет – рече Деаноски.

Тој појасни дека со новите министри оствариле средби и подготвиле предлог-колективни договори кои се доставени до Министерството за финансии пред донесувањето на буџетот, но Министерството за финансии не одобри пари за потпишување на колективните договори со што не се обезбедени и пари за исплата на додатокот на плата.

Дејаноски рече дека платите во институциите се пониски и од државниот просек, а со одобрување на исплатата на додатокот секој вработен би добил плус 6.000 денари на платата.

– Платите во овие институции почнуваат од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции е околу 29.000 денари, а државниот просек е 42.124 денари. Со додатокот што го бараме вработените би добиле 6.000 денари како додаток на плата, но и натаму нивните плати ќе бидат под државниот просек на плата – рече тој.

Протестите од 30 минути ќе продолжат до петок кога протeстот ќе се префрли пред Министерството за финансии и ќе се протестира еден час од 11 до 12 часот.

Деjаноски информира и дека вработените во правосудните органи кои штрајкуваат добиваат решенија за намалување на платите за 40% поради штрајкот.

– Први добија вработените во правосудните органи во Tетово, бидејќи тие први почнаа со штрајкот, а деновиве такви решенија се очекува да добијат и другите вработени кои штрајкуваат – рече Деаноски.

Од УПОЗ тврдат дека вработените во овие министерства се дискриминирани во однос на нивните колеги од Службата за општи заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, дел од здравството, образованието и финансиите кои веќе го добија тој додаток.

Поврзани содржини