„СЛУШАЈ ВЕНКО, ДА ТИ ОБЈАСНАМ“ Мизрахи му порача на ексминистерот дека одговорноста за „Онкологија“ е негова

Оваа власт не игра политички бизнис игри, Филипче, и секако не на грбот на граѓаните. Игри нема, но одговори мора да има. Предметите се кај надлежните институции и апелирам, во интерес на граѓаните, час поскоро тие да излезат со свое видување, рече пратеничката Рашела Мизрахи.

463

Ако некогаш беше позната флоскулата „Слушај го Венко“, сега е актуелна „Слушај Венко, да ти објаснам“, рече денеска пратеничката Рашела Мизрахи, одговарајќи му на ексминистерот за здравство Венко Филипче во врска со случајот „Онкологија“. На прес-конференција таа ги наброја сите членови од сите закони кои ги прекршил Филипче во критичниот период кога се случувало скандалозното лелување на болните од канцер на Клиниката за онкологија.

Врз основа на доставениот извештај на Државниот завод за ревизија за 2021 година, рече Мизрахи, како и материјалите доставени од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, МАЛМЕД и до ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, а по барање на Анкетната комисија за скандалот на Клиниката на онкологија, како и исказите на сведоците и експертите кои дадоа искази пред Анкетната комисија, а во врска со скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, по пат на дедукција се утврди дека: д-р. Венко Филипче, како тогашен министер за здравство во критичниот период на кој се однесува и извештајот на ДЗР, не постапил согласно надлежностите од Законот за здравствената заштита, и тоа конкретно: член 17, член 27, член 92-г, член 110, член 226-б, член 226-и и член 295. Исто така, не постапил во согласност со Законот за јавни набавки, и тоа конкретно: член 2 точка.11, член 76 и член 77 (2 и 5). Не е постапено соодветно на член 4 (1) и на член 13 (1, 2, 4) како и член 22 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. По однос на Законот за здравственото осигурување, не е постапено согласно членот 59.






– Г-дине Филипче, како што и повеќе од добро знаете, заклучоците не се описни, есејни или политичко поетски, туку цитираат членови на закони. Па, кога зборувате за тоа како ви се правеле хајки и да ве прашам: Хајка ли беше модуларната болница, хајка ли беше набавката на вакцини за ковид од непостоечка фирма во Кина или епската неспособност да се набават било какви вакцини? Хајка ли беше недостатокот на маски за медицинските работници среде пандемија, немањето кислород или болнички кревети, медикаменти, тестови за ковид, опрема, па дури и онаа која мистериозно исчезнала? Хајка ли беа очајничките пораки и барањата за помош од хоспитализирани лица по социјални медиуми, здравствените протоколи издадени од речиси секого, колапсот на итната помош, смртноста која нè смести речиси на врвот на листата на најнеспособните Хајка ли беа тендерите во четири очи кои ги криевте позади здравствената криза… Хајка ли беше сето ова додека релаксирано влеговте без заштитна опрема во хируршка сала среде хируршка интервенција или додека теравте викенди со мотори со експремиерот, ексклузивни одмори на море итн. – праша пратеничката Мизрахи.

На крај на денот, додаде таа, пиар „мајсторчињата“ на опозицијата во обид да го оправдаат неоправдливото, да го скријат она што на нормален човек не му е ни на крај памет да го сокрие и да го амнестираат оној за чија вина или невиност не суди Анкетната комисија туку надлежните органи на прогонот, најдоа и ден за тоа.

– Токму на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот ја нападнаа претседателката на комисијата во надеж дека нејзините дневни ангажмани нема да ѝ дозволат да ги повтори одамна познатите факти до кои таа комисија дојде. Па, по онаа народната, пет пати повторена лага станува вистина, се обидоа да го тргнат гревот од тогашниот министер и вината да ја префрлат на друг. Истата добро позната рецептура на СДС. Така владееја, такви се и во опозиција – рече Мизрахи.

Одговорноста за Онкологија не е кај Мизрахи, ниту кај актуелните директори на фондот ниту кај актуелниот министер, ниту кај оваа власт, додаде таа.

– Не, Филипче, оваа влада не работи „како до сега“ и не работи на реверс со кршење закони и крадење ампули. А за евентуално утврдениот криминал од страна на надлежните, каде се предадени сите документи, не суди Рашела, парламентот, ниту извршната власт, туку судот, колку и да им е ова непознато и несвојствено на СДСМ. Оваа власт не игра политички бизнис игри Филипче, и секако не на грбот на граѓаните. Игри нема, но одговори мора да има. Предметите се кај надлежните институции. Апелирам, во интерес на граѓаните, час поскоро тие да излезат со свое видување – рече Мизрахи.

Филипче завчера на прес-конференција рече дека протов него се води политичка хајка, но вистината победила. Тој ги презентираше извештаите за Клиниката за онкологија кои биле доставени до Анкетната комисија.

„Благодарение на искрените и чесни луѓе вработени во Министерството за здравство, до мене ги пратија извештаите за коишто бев клеветен дека ги немало. Јас бев убеден дека такви извештаи има и сега сакав тоа да го покажам. Откако беа доставени до мене извештаите, јас ги доставив до Обвинителството – рече Филипче и ја повика Мизрахи да одговори како и зошто овие извештаи биле криени.

Мизрахи, пак, вчера на прес-конференција му одговори дека извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите, а стручните комисии ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи.

– Да ве потсетам, господине Филипче дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност. Господине Филипче треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо, освен системски башибозук – рече вчера пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Поврзани содржини