🎥 СЛУЧАЈОТ СО ДИРЕКТОРКАТА ОД ДЕМИР ХИСАР ЈА ВКЛУЧИ ВНАТРЕШНАТА КОНТРОЛА НА МВР Под истрага е началникот кој бараше итен распит

„Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, наведуваат од институцијата.

3,343

По серијата остри реакции и објавената снимка на која се слуша како полициски начални инсистира на приведување на директорката на средното училиште во Демир Хисар, случајот ќе го разгледува Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи (МВР).

Јавноста и правните експерти реагираат на однесувањето на полицаецот, кој, и покрај предупредувањата од медицинскиот тим дека здравствената состојба на директорката Маја Лозановска не дозволува нејзино спроведување на сослушување, изјавил дека „ако треба ќе оди со амбулантно возило и на носилка во полициска станица“.






Од МВР најавуваат дека по завршување на проверките ќе информираат дали ќе има санкции за полицаецот.

„Во однос на реакциите на јавноста за постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки и активности од своја надлежност. За резултатите дополнително ќе ја известиме јавноста“, соопштија од МВР.

Од снимката се слуша како полицаецот бара директорката веднаш да биде сослушана, иако нејзиниот адвокат потсетува дека судската наредба предвидува претресот да се изврши во рок од 15 дена. Тој нагласува дека времето на постапување го определува тој, а не полицијата. Од Обвинителството појаснуваат дека не издале наредба за итен распит.

„Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, наведуваат од институцијата.

Од МВР додаваат дека претресот бил поврзан со сомнение за фалсификување или уништување на деловни книги.

„ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање наредба за претрес на три локации – службените простории на училиштето, домот и автомобилот на пријавеното лице. Обвинителството побара од Основниот суд во Битола да ја издаде наредбата заради обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја оцени основаноста и го прифати барањето, по што ОВР Демир Хисар вчера изврши претреси на трите локации. За евентуално пронајдени и одземени предмети сè уште не е доставено официјално известување до обвинителството“, информираат од МВР.

Поврзани содржини