СЛУЧАЈОТ „ДОБРО, ЗОШТО?“ ЌЕ ЗАВРШИ НА СУД Наклеветениот Богдан Илиевски ќе побара симболична отштета од 1984 евра
„Никој не смее едно прашање да го карактеризира како омраза, бидејќи нашата работа е да поставуваме прашања. Наше уставно загарантирано право е да имаме став и слободно мислење. Секој обид да се ускрати нечие право ме потсетува на романот на Џорџ Орвел ‘1984’, каде има дело зломисла, каде не смееш ни да помислиш нешто што не е дефинирано во параметрите како подобни од системот“, објаснува Илиевски, обзнанувајќи дека сепак одлучил да го тужи ЗНМ.
Богдан Илиевски, новинарот на ТВ Алфа, правдата ќе ја бара на суд, откако Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) јавно го обвинија за поттикнување говор на омраза и закани кон новинарката на Лепа Џундева.
Во пост на Фејсбук, на кој објави дел од интервју во кое новинарката на ТВ24 вели „Северна Македонија“, Илиевски напиша коментар од два збора: „Добро, зошто?“. По првото соопштение, откако Илиевски побара извинување од ЗНМ и најави тужба за повреда на неговите чест и углед, здружението се огласи со објаснување дека ЗНМ и ССНМ оцениле дека со тие два збора, тој изразил „јасна намера“ да се поттикне говор на омраза кон новинарката и дека затоа од МВР и од странски амбасади побарале да се поведе постапка за кривичен прогон, без да се прецизира против кого. Во изјава за ТВ Алфа, претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски објасни дека пријавата за кривичлен прогон не се однесувала на Илиевски, туку на друго лице кое коментирало на неговиот пост.
Со оглед на фактот дека не доби извинување од ЗНМ, туку Здружението него го повика да ѝ се извини на Џундева, во интервју за порталот Република Богдан Илиевски обзнани дека случајот „Добро, зошто?“ сепак ќе заврши на суд, а тој ќе бара симболична отштета од 1984 евра, која потоа ќе ја донира во хуманирани цели.
– Навистина не ми е јасно како едно поставено прашање „добро, зошто?“ може да биде поттикнување на говор на омраза и закани кои можaт да доведат до насилство. Со коментарот „добро, зошто?“ сум искажал став на кој имам апсолутно право, без разлика дали сум новинар или самостоен сточарски работник или, народски кажано, овчар. Имам право да поставам прашање – објаснува Илиевски и додава дека обидот да се осуети поставување прашање е цензура.
Ни во времето на сталинизмот немало ваков критериум на оцена на говор што е подобен или неподобен за властите, вели Илиевски во интервјуто за порталот Република.
– Ако Џундева има право да ја нарекува државата како што сака, а јас не ѝ се мешам во нејзиното право да ја нарекува Македонија или „Северна“, како може некој да ми го ускрати правото да прашам едно обично прашање „добро, зошто“? Никој не смее едно прашање да го карактеризира како омраза, бидејќи нашата работа е да поставуваме прашања. Наше уставно загарантирано право е да имаме став и слободно мислење. Секој обид да се ускрати нечие право ме потсетува на романот на Џорџ Орвел „1984“, каде има дело зломисла, каде не смееш ни да помислиш нешто што не е дефинирано во параметрите како подобни од системот. Затоа откако не добив извинување ќе поведам постапка пред институциите и ќе побарам симболична оштета од 1984 евра и тие пари ќе ги донирам и нема да задржам ниту еден цент – објаснува Илиевски.