Случајно ли, по средбата со Глигоров и Изетбеговиќ, Гадафи на генералот Кадијевиќ му предлага да изврши воен удар и да го собори Милошевиќ?
Долгорочно воспоставениот однос помеѓу нашиот народ и неговите делегирани вршители на функциите на власта е однос помеѓу господари и поданици. Бесконечно толериран од оние што треба вистински да владеат, наместо да бидат владеани - на кои, им е поприфатливо да бидат секојдневно тормозени, ограбувани, по пократка или по подолга процедура убивани, отколку да ја земат својата судбина во своите раце. Затоа власта лесно се издвојува од народот. Лесно си обезбедува позиција на „надзаконитост“, однесувајќи се спрема сопствениот народ полошо и од класичен надворешен окупатор.
Каква е поврзаноста на ујдурмата за прашањето на референдумот и цитираниот разговорот на Вук Драшковиќ со Алија Изетбеговиќ, воден на 12 јануари 1992 година, во кој се спомнува планот на Глигоров и Изетбеговиќ за четворна федерација, нема потреба да елаборираме.
Но, има уште нешто, на што потсетува професорот Владо Поповски, во својата анализа објавено во Плусинфо, што дополнително ја разјаснува врската меѓи Киро Глигоров и Слободан Милошевиќ, што го дополнува контекстот на „заемно договорени цели и задачи“, односно преземени обврски на едниот кон другиот.
Средбата Милошевиќ – Глигоров во Белград, ден пред атентатот
Тоа е средбата Милошевиќ – Глигоров, што се одржа на 2 октомври 1995 година во Белград, позната за јавноста, но не и нејзината содржина. А дел од содржината, вознемирениот Глигоров, веднаш по враќањето од Белград, им пренел на своите соработници, меѓу нив и професорот Поповски.
Вознемирен, Киро Глигоров ја опишал средбата како мошне „тензична“. Милошевиќ, веројатно, потсетувајќи го Глигоров на некои меѓусебни договори (Поповски вели – „тестирајќи го“), меѓу другото, побарал од Глигоров Македонија и Србија да формираат царинска унија. „Нашиов“, со оглед на сѐ што се случи до 1995 година, не можел ништо друго да прави, освен да бега од директниот одговор на тоа барање и да говори дека „Македонија може на Србија многу да ѝ помогне од позиција на членка на ЕУ – за што веќе се определила“.
Одејќи од една кон друга лага, говорејќи му секому тоа што сака да го слушне, иако интелигентен, Глигоров влегува во „небрано“, па се брани со мошне неинтелигентни изговори. Знаеме дека следниот ден, на 3 октомври, следеше обидот за убиство на Глигоров, што мене ме затекна во Америка реализирајќи го едномесечниот престој во организација на УСАИД.
Да имавме безбедносни служби кави што требало да имаме, да сакаа да ги пронајдат „организаторите, налогодавачите и извршителите“ на атентатот врз Глигоров од 1995 година, сигурно подобро ќе ја анализираа релацијата Глигоров – Милошевиќ, наместо да нѐ упатуваат кон планината Рила и кон контроверзната компанија „Мултигруп“ од Бугарија, замајувајќи ја јавноста.
Кој го наговорил Гадафи да предложи воен удар за соборување на Милошевиќ?
Да беа какви што треба, можеби тие ќе собереа и информации и ќе ја обработеа и заедничката посетата на Глигоров и Изетбеговиќ на Либија, есента 1991 година. Ќе прочитаа што вели (отворено претпоставувајќи) геералот Вељко Кадијевиќ, началник на Генералштабот на војската на ЈНА, за таа средба.
Тој исто така го посетил Муамер ел Гадафи, само ден-два по посетата на Глигоров и Изетбеговиќ. Кадијевиќ сведочи дека на таа негова средба со либискиот лидер, Гадафи му предложил да изврши воен удар, но со цел да биде симнат од власт Слободан Милошевиќ и така да се решат проблемите во Југославија, на што адмиралот, со насмевка, само му рекол: „Знам кој ве посети пред мене!“ (Вељко Кадијевиќ, „Против удар“, 2010 година, стр. 161).
Точен, или неточен „убод“ на Кадијевиќ, тој предлог на Гадафи, поврзан со Глигоров и Изетбеговиќ, сигурно му бил пренесен на Милошевиќ. Па во склопувањето на мозаикот за причините и за правецот од каде можело да биде пукано во Глигоров, можеби и ова фрла дополнително светло.
Од кого се „ослободи“ Македонија на 8 септември 1991 година?
Како и да е, на 8 септември 1991 година се случи важен настан, кој сепак заврши според волјата на мнозинството на граѓаните на Македонија, и покрај игрите „под маса“. Тој настан, бездруго, ќе биде трајно врежан во меморијата на граѓаните на Македонија, главно преку сликата од Плоштадот Македонија, вечерта на 8 септември, кога Глигоров со пискав глас ќе извика: „Нека ни е честита слободна, суверена и самостојна Македонија“.
И никој не мора да се праша, а би требало, кога ќе го погледне редот и изборот на придавките во оваа изговорена историска реченица, од кого се „ослободила“ Македонија? Од кого дотогаш била „поробена“? Како тоа еден федерален функционер, записничар на заседанието на АСНОМ во 1944 година, педесет години на чело или дел од сојузните функции, ја предводеше Македонија во битката за „ослободување“ од нивната окупација?
30 јули 2018: Трик-прашање и на референдумот за промена на името на државата
Волкот влакно менува, нарав никогаш! Продолжуваат нашите репрезенти во власта со навиките да ги мамат своите граѓани, за „нивно добро“!?
На 30 јули 2018 година, власта, предводена од СДСМ, ги повика граѓаните на Македонија да се изјаснат дали го прифаќаат т.н. Договор од Преспа, со кој Владата на Република Македонија прифати промена на нашето уставно име, поставувајќи го прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“?
Повторно трик-прашање. Зашто, апсурдно беше да се верува дека веднаш потоа и само затоа, ќе не примат во ЕУ. И, како што знаеме, (власта) прво вети дека референдумот ќе биде обврзувачки, зашто за такво прашање една „демократска“ власт (како што велеа) „не може да си дoзволи да донесе одлука без согласност на мнозинството граѓани“. Потоа сфати дека битката со мнозинството граѓани ќе ја загуби.
Измамникот од Струмица, нормално, го „заборави“ сопственото ветување (вообичаено) и го прогласи референдумот за „консултативен“. Имало „правна можност“ и за таков вид референдум. Што значи дека и да нема поддршка од мнозинството граѓани, власта може да одлучи и спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Па, така, референдумот го сведе на залудно арчење на време, на пари во морето на општата сиромаштија во земјата и на длабоко потценување на граѓаните. Алтернативата за „легалност“ ја најде меѓу деперсонализираните и криминализирани членови на парламентот. Но, за жал, и во него го немаше двотретинското мнозинство. Па реши да го докусури судството.
Премина на крупно купување (подмитување) на пратеници и нивно аболирање од бројни кривични дела. Операцијата течеше како подмачкана. За дотогаш корумпираното, клиентизирано судство, тоа беше уште една рутинска работа. Паролата „нема правда нема мир“ ја фрлија во нивните полски нужници. „Докторите“ за оценување на состојбата во општеството, можеа само да запишат: болеста прогресира!
Манипулациите за т.н. „Француски предлог“
На 16.07.2022 година, Собранието на Македонија го прифати таканаречениот „Француски предлог“, преку усвојување заклучоци (препораки) за неговото спроведување.
Како што, дознавме, Франција, во својство на претседавач со Советот на Европската Унија, подготвила Предлог-преговарачка рамка за отпочнување на пристапните преговори на Македонија во ЕУ, заедно со неколку оперативни документи. Клучното во тој, наводно, компромисен предлог, како што знаеме, е обидот да се најде излез од историските недоразбирања помеѓу Македонија, како непрекинато посакувана територија и Бугарија, како историски самопрогласен сопственик над неа, врз основа на тврдењето дека сме биле „с’што“ во секој поглед: според историјата, говорот, вкупната култура, дезоксирибонуклеинската киселина.
Нашите челници од извршната власт, свесни дека прифатиле експлозивни средства кои атакуваат на кристализираната самосвест кај Македонците, свесни за реакциите и политичката казна што би ги снашла по објавувањето на наведената „Преговарачка рамка“, и во овој случај прибегнаа кон примена на традиционалната технологија на манипулации со народот, опишана во претходните случаи: дисеминација на купишта дезинформации, невистини и полувистини, наместо транспарентен процес и мачна, отворена, аргументирана дебата во општеството, каква што, се разбира, можат да водат само одважни лица со интегритет, на кои функцијата не им е поважна од државата.
Кога протече веста дека постои некаква преговарачка рамка, некој „француски предлог“, а јавноста побара да се обелодени, власта мамеше дека не постои. Лажеа редум: министерот за надворешни работи, претседателот на државата, премиерот, заменик премиерот за европски прашања… Кога излезе на виделина дека сепак постои, ја криеја нејзината содржина. Кога опозицијата и голем дел од поедуцираната јавност навали да бара расправа во парламентот, првично власта одбиваше таква расправа. Потоа, принудена да прифати, одбиваше на пратениците да им го достави пакетот документи од „Преговарачката рамка“ (исто како и Договорот со Бехтел и Енка и во многу други случаи).
Пратениците требаше да одлучуваат на „невидено“, како стара, „добра“ практика, испробана на обезличени суштества. Па им сервираше дополнително понижување, ако за самопонижените има некое понижување: „информација“ за што станувало збор во тој пакет, напишана на еден лист хартија. Па откако и на тоа уследија големи противења од опозицијата и на дел од јавноста, власта овозможи дигитален пристап до материјалите каде што можеше да се прочитаат тоа што до тогаш беше скриено.
И потоа стигнавме до сегашната фаза: неточна интерпретација на обврските од „Преговарачката рамка“, лажно интерпретирање на содржината, редуцирање на обврските на Македонија што Бугарија успеала да ги вгради во т.н. „Француски предлог“, кој стана, всушност обврска кон Европската Унија. За да можат сега, нео-фашистите од Бугарија цинично да велат: „Вие немате обврска кон нас, туку кон Европската Унија“.
И оваа фаза трае и ќе трае и по евентуалната промена на Уставот. Арамиите и измамниците, најмалку и во следната декада, ќе го користат/злоупотребуваат истото за оттргнување на вниманието на граѓаните од сѐ позабрзаната девастација на општеството во секој негов сегмент. Копајќи му на нашето дно низа скалести подруми.
Власта кон сопствениот народ се однесува полошо од надворешен окупатор
Изложеното, повеќе од јасно го покажува карактерот на долгорочно воспоставениот однос помеѓу нашиот народ и неговите делегирани вршители на функциите на власта: однос помеѓу господари и поданици. Бесконечно толериран од оние што треба вистински да владеат, наместо да бидат владеани – на кои, им е поприфатливо да бидат секојденвно тормозени, ограбувани, по пократка или по подолга процедура убивани, отколку да ја земат својата судбина во своите раце.
Затоа власта лесно се издвојува од народот. Лесно си обезбедува позиција на „надзаконитост“, однесувајќи се спрема сопствениот народ полошо и од класичен надворешен окупатор. За неа не постои ни политичка, ни морална ни кривична одговорност. Просто, ужива во бесконечното фабрикување лажни вести, во котењето на напишани и ненапишани дискрециони права, во произволното класифицирање на државни договори од најширок јавен интерес како „државна тајна“ и „строго доверливо“, во суштина алатки за прикривање и за попречување на сите видови нејзина одговорност, вклучително и кривичната за неброените коруптивни зделки.
И не треба никој да бара други причини за тоа што ни се случува веќе со децении. Од каде „извира“ нашава социјална беда. Демографскиот егзодус што ја пустоши земјата. Која е причината, кој е (ин)директниот убиец на 24 удавени од поројниот дожд во Стајковци; 14 загинати кај Ласкарци; 14 спржени во пожарот во „модуларната“ ковид-болница во Тетово; 46 македонски патници загинати на автопатот Струма во Бугарија; двојно повеќе починатите од официјално објавените за време на ковид-пандемијата; најновиот обелоденет монструозен скандал на Клиниката за онкологија; сѐ побројните жртви од загадените води и од загадениот воздух…
Сѐ е тоа резултат на наведениот однос за чие менување ова општество не демонстрира елементарна духовна и морална сила. Лагите, интригите, најбруталната корупција, станаа поважни од нашите животи.
(Крај на фељтонот)
Референдумското прашање беше договорено меѓу Глигоров и Милошевиќ
Милошевиќ: Стојане, види Гошев да не биде премиер, а ако не можеш – Киро ќе дојде и ќе го среди!