Слово за (не)пристојноста
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 04.11.1998 година)
Кога ќе стане збор за македонскиот човек, а особено за неговиот менталитет, Србите понекогаш раскажуваат една мошне илустративна приказна. Колку во неа има вистина, колку фантазија, не би можел да кажам. Важно, тие во основата веруваат во неа, а особено во нејзината поента.
Приказната вели дека некогаш, додека тие сѐ уште биле турски поданици, требало некој да појде во Цариград и да води некакви важни преговори на дворот на турскиот султан. Арно ама, прашањето било и премногу важно, така што едно било сигурно: ако преговарачот не им оди на рака на Турците, тешко си му нему, тие, по обичај, ќе најделе начин да му го расипат стомакот (да не речам апла: да го отрујат). Затоа, иако имале умни, учени глави и добри преговарачи, Србите се стегале да се пријават за таа важна мисија. На крај решиле да испратат еден Македонец (јужен,Србин! Се знаело и тогаш: јужниот Србин и не е баш некој јак Србин, па иако отиде курбан штетата нема да биде преголема!).
Нашле некој нашинец, му направиле метанија на умот и ербаплакот, та свечено го испратиле за в Цариград. Нашинецот преговарал што преговарал, дошло време да се „јаде леб“. Ичко ефенди, што ќе јадеш? – го прашале домаќините. Па, може ли пет варени јајца! Му дале пет варени јајца. Така еден ден, така два ли, три ли, пет ли. А Ичко се „пет варени јајца“, па „пет варени јајца“. Го направиле договорот (за чудо – во полза на Србите) и Ичко – жив и здрав! – се вратил во Србија. Како остана жив, бре човеку? – распрашувале Србите, а тој сѐ по ред им раскажал. Турците, пак, преку својот амбасадор, исто така високо го оцениле македонскиот преговарач. Рекле. „Чок ак’ли“ („многу умен“). Ете, оттогаш до денес Србите (извртувајќи го малу турскиот израз) нѐ нарекуваат нас Македонците (по малу пејоративно, по малу со завист) – „чокалии“. Поинаку речено: ербап луѓе, умни глави (српски: „паметњаковиќи“).
На оваа приказна се присетив пред првите парламентарни избори, на едно ТВ-соочување на сите партиски лидери што учествуваа во конкуренцијата и реков дека верувам во разумноста, умереноста на македонскиот човек и дека не мислам оти тој (како распалените хрватски или српски националисти, на пример) веднаш ќе им се фрли во раце на нашите национални нео-романтичари. Така и бидна: иако добија најголем број места во парламентот, неоромантичарите сепак не можеа самостојно да формираат влада.
Стариот господин, знаејќи го ова, воопшто и не се потруди да „формализира“ и да губи време со почитување на Уставот (нудејќи им мандат за состав на влада), туку надве-натри присобра дел од македонската интелектуална елита и направи едно чудо од „експертска влада“.
Кога се покажа дека претседателовите избраници не функционираат како што тој си замислуваше, тој без тешкотии успеа да направи препка и да ги собори, а мандатот им го даде на поединечно победените квази-комунисти, квази-реформисти, квази-социјалисти, кои (заедно со „чесните Албанци“), додека да трепнеш, составија влада и ни се качија на грбот за додатни осум години.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.