СЛОВЕНИЈА ЗАТРУПАНА ВО СНЕГ, СИТУАЦИЈАТА Е АЛАРМАНТНА 48.000 домаќинства и фирми без струја во Марибор и околината

Прекини на електрична енергија се пријавени и во други делови од земјата. Поради снегот и калта условите за возење се значително отежнати. Повеќе патишта се блокирани поради паднати дрвја и лизгање на камиони.

246

Обилни врнежи од влажен снег предизвика масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија, во северните делови на Словенија, особено во поширокото подрачје на Марибор, како и сериозни нарушувања во патниот и железничкиот сообраќај. Погодени се и други делови од земјата, објави Словенија тајмс.

Во североисточниот дел, околу 40.000 домаќинства снабдувани од Електро Марибор и уште околу 8.000 корисници на Електро Целје останаа без струја по врнежите што почнаа рано на 20 февруари. Прекините го нарушија и водоснабдувањето, како и автобускиот превоз што функционира на електрична енергија.






– Ситуацијата на терен е екстремна. Сите тимови се во готовност и во постојан контакт со цивилната заштита и пожарникарите. Најголем проблем се дефектите на среднонапонските електроводови – изјави извршната директорка на „Електро Марибор“, Татјана Вогринец Бургар.

Прекини на електрична енергија се пријавени и во други делови од земјата, додека поради снегот и калта условите за возење се значително отежнати. На одредени делници е воведена забрана за сообраќај на приколки и полуприколки.

Во североисточниот регион повеќе патишта се блокирани поради паднати дрвја и лизгање на камиони. На патот од Сотина до граничниот премин Кузма кон Австрија се проценува дека околу 150 дрвја паднале на коловозот.

Железничкиот сообраќај исто така е погоден – паднати дрвја ја прекинаа линијата меѓу Шентиљ и Шпилфелд во Австрија, а на повеќе други релации има доцнења.

Според словенечката шумарска служба, снегот оштетил околу 50.000 кубни метри дрвна маса во неколку региони во земјата.

Поради временските услови на сила е „жолт аларм“ во дел од регионите, додека за Јулијанските Алпи е издадено предупредување за лавини. Се очекува врнежите да ослабнат попладне и да престанат до вечерта, а следната недела температурите да достигнат околу 15 Целзиусови степени.

Поврзани содржини