ЗА СЛОВЕНИЈА СИТЕ РОМИ СЕ БЕЗБЕДНОСНА ЗАКАНА!? Брисел ја кара Љубљана за „Шутаровиот закон“

На усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ реагираше и Ромската фондација за Европа посочувајќи дека тој е причина за длабока загриженост, затоа што покажува како едно цело малцинство може да се третира како „безбедносна закана“.

136

Европската комисија со големо внимание ги следи случувањата во Словенија со усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ и ја повикува земјата да обезбеди неговото спроведување да не влијае несоодветно кон која било заедница и да избегне создавање на услови за поголема ранливост за оние кои веќе и онака се изложени на ризик, изјави денеска портпаролката на ЕК за социјална права и еднаквост Ева Хрнчирова.

Изјавата на Хрнчирова беше одговор на прашање за коментар на Европската комисија на законот усвоен синоќа во словенечкиот Парламент по скратен постапка, кој според претставниците на ромските организации, претставува закана за третирање на малцинствата како закана за безбедноста и овозможува проширување на некои полициски овластувања.






– Видовме дека законот по брзо постапка помина во Парламентот. Колку што знаеме тој треба да биде одобрен и од словенечката претседателка. Ја охрабруваме Словенија да обезбеди спроведувањето на овој т.н. „Шутар закон“ да не влијае несоодветно на која било заедница – рече Хрнчирова.

Законот е донесен како одговор на убиството на Алеш Шутар, локален угостител од Ново Место, кој починал по тепачка со Ромско момче во октомври 2025 година. Словенечкиот премиер Роберт Голоб најави пакет итни мерки и законски измени за зајакнување на безбедноста и справување со криминалот, кои јавноста и медиумите почнаа да ги нарекуваат „Шутар закон“ или „Шутаров закон“ во чест на жртвата. Законот, чие официјално име е Закон за итни мерки за обезбедување на јавна безбедност, предвидува проширени полициски овластувања во таканаречените „безбедносно-ризични области“ (што според критичарите се поклопуваат со ромските населби), како и мерки поврзани со социјалната помош за повеќекратни сторители на прекршоци.

Според неа, одржувањето на безбедноста и јавниот ред е важно, но мерките што се применуваат за тоа мора да бидат целосно во согласност со правото на ЕУ и принципите за почитување на основните права.

– Ние сме ангажирани и ќе продолжиме да соработуваме со словенечките власти за да ги почитуваме овие принципи. Повторувам дека сме против секаков вид дискриминација, вклучително и на Ромите – рече Хрнчирова, додавајќи дека ЕУ има конструктивен дијалог со ромската заедница на европско ниво и поддржува таков дијалог и меѓу националните власти и претставниците на Ромите за решавање на безбедносните проблеми и можните социјални исклучувања.

На усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ реагираше и Ромската фондација за Европа посочувајќи дека тој е причина за длабока загриженост, затоа што покажува како едно цело малцинство може да се третира како „безбедносна закана“.

– „Законот Шутар“ не е словенечка приказна. Тоа е европско предупредување, покажувајќи колку брзо стравот може да стане закон, колку лесно една група може да стане безбедносна категорија и како мала земја може да создаде преседан доволно голем за да го преобликува целиот европски проект, се наведува во реакцијата на Ромската фондација.

Според потпретседателот на Фондацијата и основач на организацијата Роми за демократија, Менсур Халити, овој закон претвора цели населби во безбедносни зони, а нивните жители во безбедносни категории.

Во соопштението се потсетува дека законот беше подготвени за помалку од две недели по убиството на Алеш Шутар во Ново Место, во атмосфера обележана со морална паника, распоредувања на полицијата и протести оформени околу идеја за „ромска криминалност“.

Фондацијата оценува дека закони како овој не го намалуваат ризикот, туку само го зголемуваат, зголемувајќи ја и дистанцата меѓу заедниците, ја подгреваат политичката атмосфера и создаваат услови каде што една гласина, навреда или уличен инцидент може да доведат до несоодветна ескалација.

Поврзани содржини