После точно два месеци во Словенија од утрово се отворени и внатрешните делови на рестораните и кафулињата, децата се вратија во градинките, а дел од учениците почнаа со настава, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Викендот што измина сопствениците на угостителските објекти го искористија за адаптација на овие простори за да можат од денес да работат почитувајќи ги сите препораки за заштита од коронавирусот.
И покрај тоа што земјата прогласи крај на епидемијата, сите гости при при влегувањето во затворениот дел од рестораните и кафулињата задолжително ќе мораат да носат заштитни маски, сѐ до оној момент кога ќе седнат на масите, кои ќе бидат меѓусебно раздалечени два метри. Персоналот ќе мора цело време да носи маска, а објектот редовно ќе се чисти.
Со ваквата одлука се задоволни во словенечката Комора на угостители, бидејќи се желеа дека работата само на надворешните делови од објектите не е доволно за тие да бидат рентабилни.
Градинките во кои важат строги правила со цел спречување на ширењето на коронавирусот од утрово ги отворија вратите за децата, кои повеќе од два месеца беа дома.
Повторно работат и училиштата, но само за учениците од прво, второ, трето и деветто одделение. Според словенечкото Министерство на образование, утрово во училиште дошле вкупно 64.497 ученици, односно 34,5 отсто од вкупниот број основци во земјата.
Од денес отворени се и установите за престој и образование на деца со посебни потреби.
Инаку, според одлуката на Националниот институт за јавно здравје, наставниците и предавачите ќе мора да носат заштитни маски, а просториите треба комплетно да се дезинфицираат неколкупати во текот на денот.